Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека последните анализи за кривата со бројот на заразени говорат дека можно е тој да достигне помеѓу 1 600 и 1 700. Претходната анализа за врвот на заразата од 2 000-2 500, рече Филипче, е правена пред рестриктивните мерки.
„На презентацијата која беше организирана пред два викенда, ги прикажавме кривите и очекувањата, но да бидам конкретен. Во првиот момент кривата на новодијагностицирани пациенти беше поставена така што укажуваше дека ќе стигнеме до бројот од 2-2 500 пациенти. Тогаш таа беше правена врз основа на тогашниот број на пациенти, предвидувања како ќе се движи кривата, тогаш немавме воведено никакви рестрикции… Веројатно сега проценките би биле поинакви. Сакаме да имаме помал број пациенти, но се спремаме како да ќе имаме поголем. Со тогашниот број на пациенти и на движење на кривата, проценката беше дека ќе биде помеѓу 2-2 500 пациенти. Сега според некои последни анализи, можно е бројката да биде помеѓу 1 600 -1 700. Меѓутоа, се уште е рано, не се опуштаме, така ги препорачуваме и мерките“,
рече министерот.
Тој рече дека врвот, според првичните предвидувања, се очекува следната недела или евентуално околу 1 мај.
„Ги следиме податоците, тоа од што стравуваме е да не станува збор за некоја поединечна варијација, како што беше во едно друго сценарио кога имавме еден пик со исклучок од над 100 дијагностицирани пациенти. Затоа не би сакале да избрзуваме, сакаме да видиме последователно повеќе денови за да кажеме дека е поминат пикот и очекуваме и во континуитет и во следните денови намалување на бројот на случаи. Искрено, се надеваме дека тоа ќе биде така, но рано е иако трендовите тоа ни го најавуваат“,
рече Филипче.
*Поврзана вест: Филипче: Прилично сме сигурни дека наесен ќе имаме нов бран на заболени