Градската управа на Киев ноќеска околу полноќ издала предупредувања за воздушен напад во кои ги повикала жителите да бараат засолниште
Локалните медиуми и регионалните власти на Киев утрово соопштија дека главниот град на Украина ноќеска повторно бил на удар на руските сили, пренесува „Гардијан“.

Регионалниот гувернер на Киев, Олексиј Кулеба, во објава на Телеграм рекол дека спасувачите се на терен, без да ја соопшти локацијата која била цел на руските напади.
„Русите ноќеска го тероризираа регионот на Киев. Спасувачите и сите служби за итна помош се на терен. Елиминацијата на пожарот и последиците од ударот е во тек“,
напишал Кулеба на Телеграм.
Градската управа на Киев ноќеска околу полноќ издала предупредувања за воздушен напад во кои ги повикала жителите да бараат засолниште.
Според извештаите, руските сили, наводно, го погодиле и југоисточниот украински град Запорожје во, како што се тврди, уште еден напад во текот на ноќта.
Вршителот на должноста градоначалник на Запорожје, Анатолиј Куртев, изјави дека руските сили го погодиле градот како и неговата околина, предизвикувајќи пожар.
На 10 октомври руската војска почна со жестоки ракетни напади на повеќе региони во Украина, меѓу кои и врз главниот град на земјата, Киев, а според тврдењата на украинските власти главна цел на нападите е енергетската инфраструктура на Украина.
Вчера украинската влада ги советуваше бегалците кои ја напуштија земјата поради руската агресија и во моментов живеат во странство да не се враќаат до пролет 2023 година поради зголемените стравувања дека оштетената енергетска инфраструктура нема да може да ја покрие побарувачката претстојнава зима.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела информира дека 30 отсто од електраните во земјата се уништени во руските напади од 10 октомври наваму.
Според Зеленски, ова предизвикало масовни прекини на струја низ целата земја.