По пресретнувањето на дроновите биле извршени и напади врз ирански крајбрежни радарски позиции
Американските сили соборија четири ирански беспилотни летала над Ормускиот теснец, оценувајќи дека претставувале непосредна закана за поморскиот сообраќај во регионот, пренесува Би-би-си. Според Централна команда на САД (ЦЕНТКОМ), по пресретнувањето на дроновите биле извршени и напади врз ирански крајбрежни радарски позиции на југот од земјата, со цел да се спречат нови можни напади.
Иран возвратил со лансирање балистички ракети кон две американски воздухопловни бази во Кувајт и кон објекти на американската морнарица во Бахреин, но од ЦЕНТКОМ соопштија дека од вкупно седумте ракети испукани во Заливот, шест биле успешно пресретнати, додека една не ја достигнала целта.
Новите напади меѓу Вашингтон и Техеран ја зголемуваат тензијата во регионот и покрај формално договореното примирје.
Мохсен Резаи, воен советник на врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, вчера изјави дека преговорите се наоѓаат во застој и дека американскиот претседател Доналд Трамп треба да најде решение за надминување на ќорсокакот.
Потенцијалниот мировен договор меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) зависи од одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства, изјави Резаи.
