Единствен начин да се оди на нови избори е Собранието да се самораспушти со најмалку 61 глас и никако поинаку, рече денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, одговарајќи на прашањето – дали е можно, ако никој не обезбеди мнозинство за формирање влада, да се оди на нови избори.
„Го слушам тоа од некои аналитичари, шпекулираат во јавноста: само на еден начин во оваа земја, според Уставот, се оди на нови избори – со 61 глас на пратеник со што се самораспушта Собранието. Имаше повици од некои експерти, да не кажам и квази експерти – немој да му даваш на вториот, третиот, ако првиот не направи мнозинство, одиме на нови избори. Во ред. Но, имаме ли 61 рака да се самораспушти парламентот? Ако Мицкоски има намера да доаѓа во една таква претпоставена ситуација, тогаш мора да обезбеди 61 глас да го распушти парламентот. Нема друг начин“,
рече Пендаровски.
Тој го коментираше и ставот на некои професори кои сметаат дека е непотребно давање на мандатот по втор и трет пат ако не се успее да се формира парламентарно мнозинство првиот пат и да се оди на избори.
Според Пендаровски, ако се оди по таа логика и ако нема 61 глас за самораспуштање, тогаш Оливер Спасовки ќе биде технички премиер 4 години.
„Ако нема 61 глас за самораспуштање, нема друг начин, Уставот не предвидува. Во некои устави во светот на претседателот му се дава мандат со експлицитна уставна норма, ако не успее да се направи влада во некој рок, претседателот со свој акт може да го распушти Собранието. Јас такво право и овластување немам со нашиот Устав. Значи, може така да ја тераме со месеци и да се редат сите политички партии, но нови избори се можни само со 61 глас за самораспуштање на Собранието“,
рече Пендаровски.