Со прогласувањето на кризната состојба, Комисија што ја формираше Министерството за економија треба да преземе мерки за да обезбеди дополнителни количини топлинска енергија
На вечерашната втора седница на Владата донесена е одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија, соопштија од владината прес-служба.
Одлуката е донесена на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување кризи кој утврдил дека има кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје.
„Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука, на предлог на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија којашто ја формираше Министерството за економија, ќе се преземат мерки и активности во врска со обезбедување дополнителни количини на топлинска енергија согласно утврдената кризна состојба, согласно Законот за енергетика и Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на топлинска енергија“,
соопштија од Владата.
Кризната состојба ја донесе новата влада на Димитар Ковачевски која беше избрана вчера, а денеска ја презеде функцијата.
Условите за да може новата влада да прогласи кризна состојба, пак, беа создадени на претходната владина седница, која беше последна предводена од Зоран Заев, со тоа што беше донесена Уредба во делот на одредување на критериумите и условите за прогласување кризна состојба на пазарот на топлинска енергија.