Бектеши најави дека Владата ќе обезбеди финансиски средства со кои ќе се субвенционираат сметките за топлинска енергија на сите граѓани кои ја користат услугата. Исто така, ќе биде склучен договор меѓу ЕСМ и БЕГ за деловно-техничка соработка
На штотуку завршената седница на Владата почна процесот кој осигурува решавање на проблемот со снабдување со топлинска енергија, соопшти вечерва вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи.
„Радијаторите на граѓаните на Скопје ќе бидат топли до крајот на грејната сезона. Деновиве имаше јавни превирања за тоа каде припаѓа одговорноста за решавање на овој проблем. И иако обезбедувањето топлинска енергија е јавна комунална услуга, која е обврска на градот Скопје, сепак, одговорно е потребите на граѓаните да бидат на прво место и затоа Владата го направи тоа“,
рече Битиќи , на прес-конференција во Владата.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, соопшти дека Владата донела Уредба во делот на одредување на критериумите и условите за прогласување кризна состојба на пазарот на топлинска енергија. Согласно оваа Уредба, како што рече, ќе биде донесена одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија, за што деталите ќе бидат дополнително утврдени. Владата, нагласи, ќе обезбеди финансиски средства со кои ќе се субвенционираат сметките за топлинска енергија на сите граѓани кои ја користат услугата. Мерките, додаде, овозможуваат Владата преку ЕСМ да го стабилизира пазарот на топлинска енергија.
„Со оглед на тоа што во моментов, како што информираа од БЕГ не се во можност да работат самостојно и побараа принудна управа од Владата, се планира договор за деловно-техничка соработка меѓу БЕГ и ЕСМ. Владата во текот на наредната недела ќе донесе одлука и ќе го задолжи ЕСМ да склучи таков договор и да ја продлабочи соработката со БЕГ. По овој принцип ќе се склучи и договор со АД „Скопје Север“. АД ЕСМ веќе поседува лиценци за топлинска енергија и истите ќе бидат проширени по добивање дозвола од РКЕ“,
рече Бектеши.
Според Уредбата на Владата, постојаното следење, анализирање и проценување на состојбата на пазарот на топлинска енергија во земјава ќе го врши комисија за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија која ќе ја формира министерот за економија.
Комисијата е предвидено да биде составена од осум члена и тоа по еден претставник од редот на високи раководни функции во Министерството за економија, од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, еден претставник од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и пет претставници од носителите на лиценци на пазарот на топлинска енергија.
Мандатот на членовите на Комисијата изнесува четири години и таа треба да донесе проценка за кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија врз основа на анализите за настанување на целосно или делумно нефункционирање на дистрибутивниот систем на топлинска енергија предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии, настанување на траен испад на производствени капацитети за топлинска енергија поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, недостиг на топлинска енергија и состојба на пазарот на топлинска енергија.
Со Уредбата е утврдено во случај на кризна состојба, во зависност од проценките, да се преземат мерки за постапување во кризна состојба изготвени од операторите на дистрибутивните системи, може да се спроведе ограничување на снабдувањето со топлинска енергија, како и да обезбедат дополнителни количини на топлинска енергија.
Финансиските средства потребни за реализација на мерките се обезбедуваат од сопствени извори на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и / или од Буџетот на Република Северна Македонија во согласност со Законот за управување со кризи и на начин определен во одлуката за прогласување на кризна состојба.
Мерките што ќе бидат донесени врз основа на Уредбата, треба да бидат од привремен карактер и да траат до завршувањето на кризната состојба, да не го надминуваат обемот и интензитетот што е неопходен за отстранување на последиците од кризната состојба, и во најмала можна мера го ограничат или нарушат конкурентното работење на пазарите на енергија во Северна Македонија и во Енергетската заедница.