Новата претседателка на Врховниот суд, Беса Адеми, денеска даде свечена заклетва пред Судскиот совет, со што и официјално ја презема функцијата.
Како прва судијка меѓу еднаквите, рече, ќе се посвети на максимално извршување на функцијата имајќи ја предвид незавидната состојба во која се наоѓа нашето судство.
Адеми се обврза пред јавноста заедно со нејзините колеги да ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем.
„Како долгогодишна судијка со професионална кариера градена низ судските скалила, свесна сум со предизвиците со кои ќе се соочам, но правната држава мора да има целосен и функционален систем, а тоа е еден од моите приоритети како претседател на Врховниот суд, каде ќе се гарантира правдата да биде достапна за сите граѓани и во државата да владее правото и правдата, како и почитување на слободите и правата на граѓанинот. Се обврзувам пред јавноста заедно со моите колеги од Врховниот суд, како и со останатите судови за кои Врховниот суд има надлежност, да ја вратиме довербата на граѓаните во судскиот систем. Знаеме дека тоа е сложен долготраен процес, но ние сите сплотени заедно ќе работиме за да го забрзаме тој процес и да го унапредиме“,
изјави претседателката.
Судскиот совет ја избра Адеми за нова претседателка на Врховен на седницата одржана на 12 февруари 2021. За на гласаа 12 од вкупно 13 членови.
Таа има 12-годишен стаж во Врховниот суд, а на конкурсот за избор на претседател конкуренти и беа Лидија Неделкова и Џемаил Саити.