Новите министри и вршител на должноста, премиерот Галаб Донев, дадоа заклетва пред претседателот на Бугарија, бидејќи нема активно Народно собрание за положување заклетва
Претседателот на Бугарија Румен Радев по претставувањето на новата преодна влада и нејзиниот премиер Галаб Донев изјави дека главниот предизвик е поврзан со безбедноста, јави дописникот на МИА од Софија.
Ризикот војната да зафати нови територии е реален и, според Радев, прв приоритет за новата бугарска влада е да се спречи вовлекување на Софија во конфликтот, да се намалат ризиците за националната безбедност на Бугарија и да се забрза работата на модернизација на воените сили на земјата. Според претседателот на Бугарија, глобалната енергетска криза е директна последица на војната.
„Техничката влада и следните влади во Бугарија мора да се водат од два важни приоритети – безбедноста на снабдувањето и цената на енергетските превозници. Друга катастрофална последица од војната е кризата со храна. Важен приоритет ќе биде безбедноста на храната и контролата на цените во Бугарија“,
додаде тој.
Радев повтори дека бугарското општество очекува да ја слушне целата вистина за изградбата на автопатот „Хемус“, поправката на браните и другите големи корупциски проекти. Тој изрази очекување и итни активности за обезбедување безбеден сообраќај на патиштата и покрај нормативната блокада и прекинот на нивното финансирање, пренесуваат тамошните медиуми.
Новите министри и вршител на должноста, премиерот Галаб Донев, дадоа заклетва пред претседателот на Бугарија, бидејќи нема активно Народно собрание за положување заклетва.
Ова е 100-та влада на Бугарија од ослободувањето на земјата од османлиската власт пред 144 години и осма официјална влада од воведувањето на повеќепартиската демократија кон крајот на 1989 година.