Претседателот Стево Пендаровски е подготвен да свика нова лидерска средба во врска со претстојните избори, доколку, како што велат од неговиот кабинет, двете страни се согласни да учествуваат
Разногласија меѓу партиите чии лидери ги договорија изборите што треба да се одржат на 12 април предизвика најавата на доскорешниот премиер Зоран Заев за можно одложување – не на изборите, туку на датумот за распуштање на парламентот. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат за „360 степени“ дека тој е подготвен да свика нова лидерска средба, но, како што посочуваат, во случај и двете страни да се согласни да учествуваат.
За разлика од Заев, кој повикува на флексибилност во однос на терминот кога ќе бидат распишани изборите, за да се остави простор за донесување на законот за ЈО и други важни закони, високи функционери на владејачката ДУИ, но и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека датумите поврзани со изборите се прашање што е затворено со самиот договор што беше постигнат на лидерската средба во октомври минатата година, кај претседателот Стево Пендаровски.
Спасовски наспроти Мицкоски
На прашање околу изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека ДУИ нема да отстапи од договорот што е постигнат кај шефот на државата, а ако има друго договор тие ќе бараат нова лидерска средба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговори дека нема потреба од нова средба меѓу лидерите на парламентарните партии.
„Апсолутно нема потреба од нова лидерска средба доколку разговараме за одложување на изборите. Изборите се на 12 април. Парламентот се распушта кога и беше дефинирано – на 11 или на 12 февруари. И тоа за нас е завршена тема. И тука нема никаква дилема. Доста ја држевме државата во заложништво на политичари кои практично не можат ништо ново да понудат освен тоа што го нудеа овие три години – криминал, корупција, омаловажувања, понижувања, декаденција, срам“,
изјави Мицкоски.
Запрашан што ако владејачкото мнозинство не дозволи распуштање на парламентот, Мицкоски рече дека тогаш „ќе ја втурнат државата во сериозна политичка криза“.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, пак, вели дека не очекува да дојде до одложување на изборите, ама очекува да надвладее разумот за донесување на важните законски решенија.
„Јас очекувам дека нема да се случи одложување на изборите заради тоа што ќе надвладее разумот. Дека националните интереси се многу поважни од какви било лични интереси и дека на крајот на краиштата секој од нас како политичари, пратеници… ќе сфати дека носењето на законските решенија е влог во нашата иднина“,
потенцира Спасовски.

Тој најавува разговори за да се постигне потребниот консензус и потребното мнозинство што ќе ги донесе законските решенија. Според Спасовски, изјавата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дека ако не се донесат клучните закони ќе нема распуштање на Собранието е став.
„Политичката одговорност на политичките субјекти, на пратениците во Собранието треба да биде на нивото на одговорноста за иднината на оваа држава. Затоа јас сметам дека треба да се вложат максимални напори во дијалогот, да се постигне компромис во делот на носењето на законските решенија и со тоа да не ја загрозиме иднината и перспективата на државата. За нас е многу важно да го доведеме процесот до крај и да станеме 30. членка на НАТО. За нас, исто така, е многу важен временскиот термин на почнување на преговорите со ЕУ“,
изјави денеска техничкиот премиер.
Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да блокира со амандмани, Спасовски одговори дека се е можно поради тоа што смета дека таму не надвладуваат националните над партиските и личните интереси. Она што го бара ВМРО-ДПМНЕ, вели тој, е сите предистраги што се почнати, да бидат стопирани со решение.
„Тоа е прашање за кое не може да се преговара и не може да има компромис. Секој кој правел криминал и за кого се водат и предистраги и има докази, ќе мора да одговара во оваа држава. И тука не може тој интерес- задоволување на правдата да биде посилен од интересот на кој било поединец или која било политичка партија. Треба да обезбедиме систем кој ќе биде далеку од политиката и во насока на јакнење на јавно обвинителската служба“,
рече Спасовски.
Средба во Камник
Во октомври минатата година лидерите на седум парламентарни партии и коалиции што учествуваа со свои листи на последните парламентарни избори во 2016 година имаа заедничка средба во претседателската резиденција на Водно, на иницијатива на шефот на државата. Тогаш беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентарни избори, откако тоа јавно го предложи тогашниот премиер Заев, како резултат на тоа што Северна Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. По лидерската средба, Заев соопшти дека предложил изборите да се одржат уште на крајот на декември минатата година, ама дека тоа не било прифатливо за Мицкоски, поради рокот од сто дена за функционирање на „пржинската влада“.

Лидерите на парламентарните партии во петокот се најдоа повторно на заедничка маса, во сличен формат, но на работна вечера во Камник, заедно со тројцата европратеници кои беа во Скопје во рамки на дијалогот „Жан Моне“. Според информациите на „360 степени“, средбата била неформална, така што не се воделе разговори за приближување на позициите на политичките партии во однос на теми поврзани со изборите. Заев и Мицкоски, според информациите, не оствариле речиси никаква меѓусебна комуникација, додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не се појавил воопшто на вечерата на која беа поканети и лидерите на опозициските партии од албанскиот политички камп.
Претседателот Пендаровски, пак, денеска е во официјална посета на Полска, а од неговиот кабинет велат дека, ако има согласност меѓу партиите за дијалог пред изборите, тој би можел да иницира нова лидерска средба. Што се однесува до претседателот на парламентот Талат Џафери, се очекува тој на следната редовна координација на собранискиот врв, кој се собира секој понеделник, да го отвори и прашањето дали последната седница (за самораспуштање) на овој собраниски состав ќе се одржи в четврток на 12 февруари, како што се чинеше дека е „фиксирано“ – сè до вчерашната изјава на Заев.