На транскриптот од разговорот прикажан под насловната фотографија на видеото, во делот каде се споменуваат пари, наместо „мрш“ што Заев го изговара, стои напишано „важи“
Снимката е сечена на неколку места
Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со оваа снимка само се покажува дека шефот на рекетарската група е Заев
На неколку часа пред изборниот молк, на новокреиран јутјуб канал „Зоки Рекетарот“ се појави аудио-снимка од 12 секунди. На неа се слуша гласот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а во разговорот се споменува и адвокатот Васил Димишков.
„Во еден период ми се јави овој Васко, на Димишкова братот. Совет да ми дадел, што да правам, бара пари“,
вели Заев и тука се прекинува снимката и повторно продолжува со:
„Значи он ми рече 6 милиони евра. Викам 6 милиони евра? Викам марш. Јас влегувам во оваа работа“,
вели Заев.
На транскриптот од разговорот прикажан под насловната фотографија на видеото, во делот каде се споменуваат парите, наместо „марш“ што Заев го изговара, стои напишано „важи“.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната прес-конференција рече дека со оваа снимка се потврдува дека Зоран Заев и Вице Заев диктирале која е сумата на рекетот која треба да биде платена.
„Шест милиони евра, шест милиони евра е сумата која Зоран Заев ја бара и зема преку адвокатот Димишков, имено брат на судијката Димишкова. Зоран Заев е шефот на рекетарската група која го изврши најголемиот рекет за кој слушнала јавноста во Република Македонија. Претходно во друг аудио запис граѓаните слушнаа како самиот Димишков вели дека Зоран и Вице Заеви забегале во барањето на огромни суми на рекет, односно дека барале шест милиони евра и дека тој ќе се обидел да намали. Очигледно по денешната снимка видовме дека Зоран Заев бил дециден и дека немал намера да намали помалку од шест милиони евра рекет“,
рече Арсовски.
Toj на прес-конференцијата презентираше и снимка од ТВ-дуел меѓу Заев и Мицкоски на кој Мицкоски го прашува Заев дали го познава адвокатот Димишков, а Заев одговара со „не“.
„Дополнително, мораме да потенцираме дека Зоран Заев изгубен и избезумен дека е фатен во најголемиот криминал до сега, јавно на ТВ дуел со претседателот Мицкоски ја лажеше целата јавност дека не го познава адвокатот Димишков. Би сакал директно да им се обратам на т.н. рекетари, почитувани мафиози во обид, членови на кланот Заеви, ви паднаа маските и ви дојде крајот. Повторно ќе ви кажам готови сте. На грбот на лагите кои им ги пласиравте на граѓаните, изрекетиравте и испокрадовте милиони и милиони евра од бизнисмени, недолжни граѓани и од државата“,
рече Арсовски.
Претходно, на 20 јуни, Димишков беше споменат во аудио-бомби што беа објавувани од налог на јутјуб со име „Добар човек“. Личноста зад тој профил на Јутјуб објави вкупно 11 аудио записи со вкупна должина од 66 минути.
Утринава беа објавени две аудио-снимки со разговори од Христијан Мицкоски и независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Во двата објавени разговори кои траат по триесетина секунди се слуша гласот на Мицкоски, а во еден дел и нејасни коментари од другите присутни.
На едната снимка се разговара за Законот за јавно обвинителство, а во другата тој посочува дека во сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ им укажувал да не ги напаѓаат осумте пратеници кои веќе беа исклучени од партијата, бидејќи гласаа за уставните измени во 2018 година по референдумот за името.