На јутјуб каналот објавени се само исечоци од по неколку секунди, додека средбата и разговорот со Христијан Мицкоски траеше подолго, велат од независната пратеничка група произлезена од ВМРО-ДПМНЕ за денешните аудио „бомби“ во кои се слуша гласот на лидерот на опозициската партија Мицкоски.
Во двата објавени разговори кои траат по триесетина секунди се слуша гласот на Мицкоски, а во еден дел и нејасни коментари од другите присутни. На едната снимка се разговара за Законот за јавно обвинителство, а во другата тој посочува дека во сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ им укажувал да не ги напаѓаат осумте пратеници кои веќе беа исклучени од партијата, бидејќи гласаа за уставните измени во 2018 година по референдумот за името.
Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го осуди снимањето и објавувањето на разговори кои, како што посочуваат, се водени на средба со претседателот на партијата Христијан Мицкоски одржана во канцеларијата на координаторот Никола Мицевски во Собранието. Бараат од надлежните органи да истражат кој, како и зошто ги снимал средбите.
„Како пратеничка група, се оградуваме од ваквите игри кои очигледно се нова режија на некој кој покрај нас, бил присутен на средбата, со цел наше деградирање. Како и досега, НПГ на ВМРО-ДПМНЕ останува транспарента кон јавноста и чесна во пристапот. Нашите заложби секогаш беа искрени и во интерес на функционални институции“,
се вели во соопштението.