Во новиот закон за работни односи ќе бидат дефинирани сезонската работа, синдикалното организирање, но и работата од далечина која ја наметна пандемијата со коронавирусот. Тој закон власта очекува да се донесе наредната година.
„Важечкиот закон е донесен далечната 2005 година и според сознанијата до кои дојдов од контактите со секторот труд досега претрпел 24 измени што значи дека веќе е дојден период кога треба да донесеме нов закон за работни односи кој ќе ги отсликува состојбите на современото време. Веќе во среда ја закажав првата седница на работната група која работела на измените на Законот во мандатот на претходните министри и ја отвораме дебата и започнуваме да работиме на овој закон. За сите детали, вклучително и работата од далечина како нов момент која ни ја наметна пандемијата. Очекуваме во 2021 овој закон да биде донесен“,
изјави министерката за труд и социјални политика Јагода Шахпаска.
Таа вели дека во Министерството постои една драфт-верзија која во голема мерка е усогласна со сите засегнати страни, но нагласува дека е потребна широка дебата, нагласувајќи ги повторно сите аспекти кои треба дa се опфатат: заштитата на работничките права, работното време, условите на работното место кои треба да гарантираат безбедност и здравје, регулирање на синдикатите итн.