Во Русија, каде што Украина, исто така, ги засилува нападите со беспилотни летала насочени кон стратегиската инфраструктура, ноќеска биле затворени 13 аеродроми од безбедносни причини, од кои четири во Москва и Санкт Петербург
Најмалку едно лице загинало во нов масовен напад на руските сили на украинските градови Киев и Одеса извршени синоќа, а во кои било погодено и родилиште, соопштија локалните власти, пренесуваат светските медиуми.

„Русија секој ден лаже за својата желба за мир и секој ден напаѓа луѓе. Време е да се воведат санкции. Време е да се поддржи Украина со оружје. Време е да се докаже дека демократијата има моќ“,
напиша на Телеграм Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според информациите, во Одеса е убиен 59-годишен маж, додека најмалку четири лица се повредени во напад врз станбени згради во центарот на градот.
Според гувернерот Олег Кипер, погодена е и гинеколошка болница, во градот.
„Непријателот масовно ја нападна Одеса со беспилотни летала. Оштетена е цивилната инфраструктура и има пожари. Русите погодија родилиште, објект за итна медицинска помош и станбени згради“,
рекол Кипер додавајќи дека гинеколошката болница била на време евакуирана.
Во Киев, повредени се четири лица во воздушен напад што градоначалникот Виталиј Кличко, исто така, го опиша како масовен и по кој неколку згради биле зафатени од пожари.
Според извештајот на новинар на агенцијата АФП, во центарот на Киев се слушнале најмалку 12 експлозии и пукање од воздушната одбрана, како и звуци од десетина беспилотни летала.
Во Русија, каде Украина, исто така, ги засилува нападите со беспилотни летала насочени кон стратегиската инфраструктура, ноќеска биле затворени 13 аеродроми од безбедносни причини, од кои четири во Москва и Санкт Петербург.
Руските единици за воздушна одбрана, според извештаите, ноќеска уништиле вкупно 102 украински беспилотни летала, соопшти руското Министерство за одбрана на Телеграм, кое го објавува само бројот на соборени, но не и бројот на лансирани дронови од Украина.
Речиси половина од беспилотните летала биле уништени над регионот Брјанск на границата со Украина, соопшти министерството.
Три беспилотни летала биле соборени над регионот на Москва и два над Санкт Петербург.
Нападите со дронови меѓу завојуваните страни се случуваат додека траат напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, кои засега не резултираат со значаен напредок во мировните преговори.
Единствениот напредок е тоа што Киев и Москва вчера објавија дека почнале со нова размена на воени заробеници, која ќе продолжи во наредните денови, а што е еден од ретките резултати од неодамнешните разговори меѓу двете завојувани страни.