Во објавата од ЦЕНТКОМ се наведува дека целта на операцијата е дополнително да се намали способноста на Иран да напаѓа трговски бродови и цивилни морнари кои пловат низ Ормускиот Теснец
Соединетите Американски Држави извршија нов бран напади врз Иран – целта, како што соопшти американската Централна команда (ЦЕНТКОМ), биле ирански воени командни центри, позиции на противвоздушната одбрана, крајбрежни системи за надзор, поморски капацитети, локации за лансирање ракети и беспилотни летала, како и комуникациски мрежи.
Во објавата од ЦЕНТКОМ се наведува и дека целта на операцијата е дополнително да се намали способноста на Иран да напаѓа трговски бродови и цивилни морнари кои пловат низ Ормускиот Теснец.

На деветтата ноќ од нападите на САД врз Иран, Техеран возврати со ракетни и напади со дронови врз Јордан, Бахреин и Кувајт, што дополнително ги зголеми стравувањата од проширување на конфликтот на Блискиот Исток.
Иранските државни медиуми пренесуваат дека поморски сили на Иранската револуционерна гарда пресретнале четири бродови кои, како што велат, „ги прекршиле правилата за пловидба“. Според Иран, бродовите се обиделе да го нарушат поморскиот сообраќај и да го поминат стратегиски важниот морски премин по небезбедна патека.
„Два од бродовите доживеаја несреќи и останаа неподвижни, додека другите два се откажаа од продолжување по таа рута“,
се наведува во соопштението од ИРГЦ.
Иранската револуционерна гарда соопшти и дека со балистички ракети гаѓала американски воени авиони на аеродромот во Акаба, Јордан, при што, како што тврди, на неколку летала им била нанесена сериозна штета. Дел од светските медиуми информираат дека противвоздушната одбрана на Кувајт пресретнала непријателски дронови кои долетале од територијата на Иран, а воздушна тревога повторно била прогласена и во Бахреин.
Конфликтот меѓу САД и Иран повторно се интензивираше на почетокот на месецов поради спорот околу Ормускиот Теснец.
