Уште 14 деца и седум возрасни се ранети, соопштуваат од прес-службата на тамошното Министерство за внатрешни работи
Бројот на загинати во престрелката што се случи утринава во училиштето 88 во Ижевск, Русија, се искачи на 13 лица, меѓу кои и седум деца, соопшти прес-службата на тамошното Министерство за внатрешни работи.

Во соопштението се додава дека уште 14 деца и седум возрасни се ранети.
Според информациите, напаѓачот се самоубил, немал никакви документи, а бил облечен во црна маица со нацистички симболи и носел качулка, соопшти Рускиот истражен комитет.
„Според прелиминарните податоци, извршителот бил вооружен со два воздушни пиштоли модифицирани да користат боева муниција“,
напиша на Телеграм Александар Хистеин, шеф на Комитетот за информативна политика на Државната дума.
Училиштето се наоѓа во центарот на градот со околу 650 000 жители, во близина на зградите на централната власт.
Престрелката се случила во училиштето број 88, во кое има речиси 1 000 ученици и 80 наставници.