Сообраќајот беше прекинат кај местото Јаворица, во близина на тунелите кај Демир Капија, додека траеја обидите за извлекување на излизганиот камион
Сообраќајот на автопатот од коридорот 10 – „Пријателство“, во насока од Демир Капија кон Смоквица, доцна вечерва (од 22:45 часот) е нормализиран целосно, извести Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Нормализирањето доаѓа по повеќе од петчасовен прекин поради лизгање на камион. Во меѓувреме, сообраќајот се пренасочуваше по алтернативниот патен правец Р 1102.
Виктор Паласкаров, раководител на секција Гевгелија при ЈП „Македонија пат“, соопшти дека сообраќајот беше прекинат кај местото Јаворица, во близина на тунелите кај Демир Капија, додека траеја обидите за извлекување на камионот.
Сообраќајот на автопатот во обратна насока – од Смоквица кон Демир Капија, за цело време се одвива без проблеми во зимски услови.
АМСМ вечерва информираше и дека се укинати забраните за тешки товарни возила на патните правци Деве Баир – Крива Паланка, Делчево – граничен премин „Делчево“ и Македонски Брод – Прилеп.
Забраната за тешки товарни возила останува активна за следните патни правици и превои:
- Гостивар – Маврово – Дебар
- Гостивар – Стража – Кичево
- Струмица – Берово
- Тетово – Попова Шапка (за патнички возила задолжителна е употреба на зимска опрема.)
- Пресека
- Плетвар
- Ѓавато
- Струга – граничен премин Ќафасан.
Генерално, сообраќајот на сите државни патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, со остатоци од кашест снег.