Нема коронавирус ниту последниот пациент кој денеска беше тестиран на Инфективната клиника во Скопје, информира Министерството за здравство. Станува збор за лице кое неодамна патувало во Рим, а по враќањето во земјава самоиницијативно побарало тест за коронавирус.
„Резултатите на лицето пристигнато од Италија, кое се тестираше во изминативе неколку часа на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се негативни на коронавирус. Ова е последното лице за кое се чекаа резултатите и во овој момент нема други лица кои се тестираат на коронавирус“,
соопштија од Министерството за здравство.
Претходно негативни на присуство на коронавирус беа тестовите на двајца тестирани пациенти, еден возач на камион кој дошол од Северна Италија и една пациентка која допатувала од Рим.
Засега потврден е само еден случај, односно 50 годишната жена која од вчера е на Инфективната клиника во Скопје. Лицата кои патувале заедно со заболената пациентка веќе се во домашна изолација и засега немаат симптоми на коронавирус. Како што објасни министерот Филипче на прес конференцијата претходно денеска, се работи за 12 лица – 8 кои патувале со заболената и уште 4 со кои овие лица контактирале, меѓу кои има и две деца. Тие ќе останат во домашна изолација следните 14 дена, а епидемиолозите ќе одлучат дали ќе бидат тестирани за коронавирус на 5-от ден колку што трае најкусиот инкубациски период или на 14-от ден.
*Поврзани вести: