Коронавирусот, кој вчера официјално беше потврден кај пациентка во Скопје, досега се има проширено низ 40 земји во светот, а регистрирани се повеќе од 81 000 заболени лица. Во отсуство на лек или вакцина, на социјалните мрежи се шират различни информации и митови за вирусот. Светската здравствена организација објави неколку клучни совети за јавноста и факти за разбивање на лажните информации.
1. Дали сушачите за раце се ефикасни во убивањето на новиот коронавирус?
Не. Сушачите за раце не се ефикасни во убивањето на 2019-nCOV. За да се заштитите од коронавирусот, често чистете ги рацете со алкохолен антисептик или мијте ги со сапун и со вода. Чистите раце исушете ги темелно со хартија или сушач за раце со топол воздух.
2. Дали ултравиолетовата лампа за дезинфекција го убива новиот коронавирус?
УВ-лампите не треба да се користат за стерилизација на рацете или други делови од кожата бидејќи УВ-зрачењето може да предизвика иритација на кожата.
3. Колку се ефикасни термалните скенери во детекцијата на лицата заразени со новиот коронавирус?
Термалните скенери се ефикасни во детектирањето на лица што имаат покачена телесна температура поради инфекција со новиот коронавирус.
Меѓутоа, тие не помагаат во детектирањето на лицата што се заразени, но сè уште не се заболени. Тоа е поради тоа што се потребни 2 до 10 дена за кај инфицираните лице да се појават симптомите на болеста, како што се покачена телесна температура и треска.
4. Дали прскањето алкохол или хлор по телото ќе го убие коронавирусот?
Не. Прскањето алкохол или хлор по телото нема да ги убие вирусите кои веќе влегле во вашето тело. Прскањето на такви супстанции може да ја оштети облеката или слузокожата (пр. очите, устата). Алкохолот и хлорот се ефикасни за дезинфекција на површини, но при нивното користење мора да се следат упатствата.
5. Дали е безбедно да се прими писмо или пратка од Кина?
Да, безбедно е. Лицата што примаат пратки од Кина не се изложени на ризик од зараза со новиот коронавирус. Од претходните анализи знаеме дека коронавирусите не преживуваат долго на предмети, како што се писма и пратки.
6. Дали домашните миленици можат да го рашират новиот коронавирус (2019-nCOV)?
Во моментов нема докази дека домашните миленици, како што се мачките и кучињата, можат да се заразат со новиот коронавирус. Меѓутоа, секогаш е добра идеја да ги измиете рацете со сапун и вода откако сте имале контакт со вашите миленици. Тоа ве штити од разни вообичаени бактерии, како што се ешерихија коли и салмонела, кои животните можат да им ги пренесат на луѓето.
7. Дали вакцините против пневмонија ве штитат од новиот коронавирус?
Не. Вакцините против пневмонија, како што се вакцината против пневмокок и хемофилус инфлуенца тип Б (ХИБ), не штитат од новиот коронавирус.
Вирусот е нов и различен, и за него е потребна посебна вакцина. Истражувачите се обидуваат да развијат вакцина против 2019-nCOV и СЗО ги поддржува во нивните напори.
Иако овие вакцини не се ефикасни против 2019-nCOV, вакцинирањето против респираторните заболувања се препорачува заради заштита на вашето здравје.
8. Дали редовното плакнење на носот со физиолошки солен раствор може да спречи инфекција со новиот коронавирус?
Не. Нема докази дека редовното плакнење на носот со физиолошки солен раствор штити од инфекција со новиот коронавирус.
Постојат оскудни докази дека редовното плакнење на носот со физиолошки солен раствор може да го забрза процесот на закрепнување од вообичаена настинка. Меѓутоа, се покажало дека редовното плакнење на носот не штити од респираторни заболувања.
9. Дали консумирањето лук може да спречи инфекција со новиот коронавирус?
Лукот е здрава храна и има некои антимикробни карактеристики. Меѓутоа, актуелната епидемија не дава докази дека консумирањето лук ги штити луѓето од новиот коронавирус.
10. Дали употребата на масло од сусам го спречува новиот коронавирус да влезе во телото?
Не. Маслото од сусам не го убива новиот коронавирус. Постојат хемиски средства за дезинфекција кои можат да го убијат 2019-nCOV на површини, како што се варикина, средства за дезинфекција на база на хлор, раствори на база на етер, 75 % етанол, перацетична киселина и хлороформ.
Меѓутоа, тие речиси и да не влијаат на вирусот доколку ги ставите на кожа или под носот. Користењето на овие хемикалии на вашата кожа може да биде дури и опасно.
11. Дали коронавирусот ги напаѓа постарите лица и дали младите се исто така подложни?
Лица на сите возрасти може да се заразат со новиот коронавирус (2019-nCOV). Постарите лица и лицата со постоечки медицински состојби (како што се астма, дијабетес, срцеви заболувања) се чини дека се поранливи да заболат од вирусот.
СЗО ги советува луѓето на сите возрасти да преземат мерки за заштита од вирусот, на пример, преку одржување правилна хигиена на рацете и респираторна хигиена.
12. Дали антибиотиците се ефикасни во спречувањето и лекувањето на новиот коронавирус?
Не, антибиотиците не дејствуваат против вируси, само против бактерии.
Новиот коронавирус (2019-nCOV) е вирус, па оттука не треба да се користат антибиотици како начин на превенција и лекување.
Меѓутоа, доколку сте хоспитализирани со 2019-nCOV, може да примате антибиотици поради можност од бактериска инфекција.
13. Дали постојат лекови за спречување и лекување на новиот коронавирус?
До денес не постои посебен лек кој би го спречил или излекувал новиот коронавирус (2019-nCOV).
Меѓутоа, лицата заразени со вирусот треба да добијат соодветна нега заради ублажување и третирање на симптомите, додека заболените треба да добијат оптимизирана поддржувачка терапија. Веќе се работи на посебни третмани кои ќе бидат тестирани преку клинички испитувања. СЗО ги помага таквите напори во соработка со голем број партнери.
Извор: Светска здравствена организација
*Поврзана вест