За оставката поради лошите резултати на БСП на парламентарните избори гласаа 164 од делегатите на левицата, 415 беа против, а 20 воздржани
Како вицепремиерка и министерка во новата бугарска Влада, Корнелија Нинова ќе ја предводи меѓуресорската група за економија во дијалогот со С Македонија
Конгресот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) не ја прифати оставката на претседателката Корнелија Нинова. За оставката гласаа 164 од делегатите на левицата, 415 беа против, а 20 воздржани. Така, Нинова останува претседателка на БСП, јавуваат медиуми во Бугарија.
„Излегов за време на дискусија за оставката, бидејќи мислев дека така е редот. Не се мешајте со присуството на некого ако сака мирно да каже нешто. Ви благодарам. Оваа дискусија покажува дека ние сме демократска партија на слободни луѓе кои секогаш можат да имаат поинакво мислење. Но и демократска партија која своите одлуки ги носи во своите тела и со мнозинство“,
изјави Нинова по гласањето.
Таа додаде дека следниот предизвик се локалните избори следната година.
„Ќе вложам напори заедно со сите вас, со нашите локални структури, со нашите членови, социјалисти, симпатизери и коалициски партнери, за следниот предизвик, локалните избори во 2023 година, да бидат нашата победа“,
изјави Нинова.
Овој 50. конгрес на БСП беше закажан во ноември, по третите по ред вонредни парламентарни избори во Бугарија, кога социјалсистите на Нинова постигнаа лош резултат. Тогаш Нинова ја презема одговорноста за изборниот исход, ама БСП подоцна стана дел од новатабугарска Влада, предводена од Кирил Петков. Нинова, пак, беше избрана за вицепремиерка и министерка за економија и индустрија и ќе биде копретседавач на меѓуресорската група за економија во дијалогот со Северна Македонија.