Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека се потребни законски измени за да се доуредат контролните механизми во т.н. пржинска влада
Почеток на валканата кампања е однесувањето на СДСМ кој не го почитува концептот пржинска влада, изјави на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски. Тој ја обвини власта дека со разрешувањето на ексминистерката за труд и социјала Рашела Мизрахи ја „минира“ техничката влада, за која според ВМРО-ДПМНЕ за да функционира подобро во иднина ќе требаат законски измени.
„Нивната цел е да се укине техничката влада, а нашата цел е да се зајакне. По изборите, сакаме да ги зајакнеме механизмите на гаранција, затоа што кога опозицијата учевстува во една влада факт е дека таа нема мнозинство и дека мнозинството по сила на диктат може да направи што сака. Но, тоа не е смислата на техничката влада. Сериозно треба да размислиме за законски измени и за основање орган кој би санкционирал насилничко работење на владејачкото мнозинство. Моделот мора да се зајакне за да не може власта да го минира“,
изјави Николовски.
Тој се осврна и на поништувањето на кадровските решенија на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев од страна на Владата и обвини дека власта го крши Законот за Владата. По изборите, пак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се заложи со двотретинско мнозинство да го врати старото државно име.
„Ние очекуваме двотретинско мнозинство на овие избори со цел она што го направија Заев и Димитров да се промени. Промената на Уставот прави трајни последици и штета врз Македонија и македонскиот народ. Атина не можеше да добие подобар договор, така што и јас да би бил грчки политичар би го зборувал истото, но јас сум македонски политичар и наша цел е оваа тажна реалност да ја промениме“,
изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николовски на прес-конференцијата зборуваше и за случајот „Рекет“ и обвини дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во август бил на средба со Катица Јанева, а неговиот брат се среќавал со тогаш осомничениот Зоран Милески-Кичеец. Николовски најави дека ако дојдат на власт детално ќе го истражат „Рекет“ и, како што рече, ќе докажат дека на врвот на аферата е семејството Заеви.
