Интересно е што во писмото коешто го пишува Порфириј, зборува за средба на ниво на синоди и на ниво на поглавари, ниво кое досега не беше карактеристично, откри новинарот Марјан Николовски
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј
Новинарот и експерт за црковни прашања, Марјан Николовски, во гостување во дебатното издание на „360 степени“ вечерва ја потврди информацијата дека Српската православна црква иницирала возобновување на дијалогот со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), по подолг застој во комуникацијата. Официјалното писмо било пратено од српскиот патријарх Порфириј, околу Нова година.
„Интересно е што во писмото коешто го пишува Порфириј, зборува за средба на ниво на синоди и на ниво на поглавари, ниво кое досега не беше карактеристично. Она што мене ми е познато е дека МПЦ поприлично коректно одговорила на тоа писмо, не ја отфрлила можноста за средба, но, со оглед на тоа што пред Вселенската патријаршија е започнат процес на барање на апелационото право за посредништво, и со оглед на тоа што вселенскиот патријарх испратил и ново писмо до новиот патријарх на СПЦ за средба во Фанар, во Истанбул, одговорот е дека таква средба може да се случи, но во посредништво, заедно со Вселенската патријаршија“,
вели тој.
Николовски предупредува дека МПЦ треба да внимава на можна замка од СПЦ.
„А тоа е да се дојде до некаков привиден договор меѓу СПЦ и МПЦ, кој го форсира и Руската православна црква, којшто би овозможил ‘бајпасирање’ на оној период од 80 години кога СПЦ нема никаква јурисдикција на територијата на денешна Македонија и што е главниот и клучен аргумент на МПЦ зошто ние го бараме правото на апелација. СПЦ сака да го поврати формално правно своето влијание во Македонија, да ја убедат македонската страна дека треба да влезе во повторно канонско единство со СПЦ и така да се остави на подолг период. Тоа е таа замка со која ќе се избришат оние 80 години на нивно невлијание овде“,
вели Николовски и додава дека и да се реши канонското прашање, процесот на автокефалност, сепак, се води пред Вселенската патријаршија.
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА за нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
*Повеќе вести од вечерашното издание на емисијата „360 степени“:
Сотировски: Првичниот порив за реакција за Лев Тахор е нивниот изглед, а не тоа во што веруваат
Сотировски: Реагирав писмено до Синодот на МПЦ за настапот на владиката Агатангел
Шокантни се реакциите против еврејската група Лев Тахор, сметаат новинарите Ѓорѓевски и Николовски
Богдановски: Москва го следи секој чекор на МПЦ, бидејќи го поврзува со украинското прашање