Во врска со пријавата за синот на собранискиот спикер Талат Џафери, кој наводно не ги исполнувал условите за прием на Академијата за судии и јавни обвинители, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, рече дека чекаат уште еден документ
Денеска пристигнаа последните документи што ги побаравме, така што очекуваме на првата наредна седница да излеземе со одлука, откако претходно ќе ги разгледаме сите документи, изјави Катица Николовска, членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ва емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, зборувајќи за случајот со несудената конзулка во Њујорк, поранешната ТВ- презентерка Бесмира Ејупи, а за која антикорупциска проверува како од неколку буџетски институции, во периодот 2021-2022 г., примила хонорари во вредност од околу седум илјади евра.
„Бидејќи се работеше за повеќе институции, ни беше потребно време да ги собереме документите кои се однесуваат за нејзиниот ангажман. Со цел да ја забрзаме постапката, ние директно отидовме на лице место во Општина Чаир и Државното правобранителство. Наидовме на разбирање, ни беа дадени документите, денеска пристигнаа последните документи што беа побарани, така што на првата наредна седница ќе излеземе со одлука, нормално откако претходно ќе ги разгледаме сите документи“,
изјави Николовска.
Таа не сакаше да зборува за тоа дали може да се насетува одлуката на антикорупционерите, а истакна и дека доколку се оцени дека треба да се побараат дополнителни информации, одлуката, сепак, би можела да се пролонгира.
„Не би сакала да прејудицирам, бидејќи реално ги немам погледнато документите и не знам што содржат. Тие ги работи колешка од стручната служба, така што треба дополнително заедно да ги погледнеме и доколку оцениме дека има потреба нешто плус да се побара во врска со овој случај, тоа и ќе го направиме, така што можеби и ќе се пролонгира одлучувањето“,
истакна Николовска.
Во врска со случајот со синот на собранискиот спикер Талат Џафери, кој наводно не ги исполнувал условите за прием на Академијата за судии и јавни обвинители, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, која исто така гостуваше во емисијата „360 степени“, потврди дека до нив е пристигната таква пријава и дека се уште се чека потребната документација за да се постапува.
„Имаме анонимна пријава од анонимен пријавител дека синот на Талат Џафери не ги исполнувал условите за да се запише на Академија. Ние постапуваме по тој случај, чекаме уште еден документ од МОН, а штом ќе го добиеме, ќе донесеме одлука дали е потврден наодот или не, што секако ќе зависи од одговорот и тоа ќе го кажеме на седница“,
истакна Ивановска.