Во однос на заедничкиот тунел, рече дека работите се одвиваат добро и дека се надева оти за брзо време и таму ќе почнат активностите
„Изградбата на железничкиот и патниот дел од Коридорот 8 ќе чини околу пет милијарди евра. Државата покажува дека може да спроведува големи инфраструктурни проекти. Се надевам дека со иста одговорност ќе работат и нашите соседи Албанија и Бугарија, зашто нема поента ние да потрошиме толку пари, а од другата страна да нема активности. Така што се надевам дека ќе има посветеност и од нивна страна со цел заеднички ги завршуваме проектите“, кажа вицепремиерот и министер за транспорт
Објавен е тендерот за избор на надзор за третата фаза од железничката пруга кон Бугарија, а во наредните десетина дена се очекува да биде распишан и тендерот за избор на изведувач, по што во текот на летото ќе започнат градежните активности за делницата од Крива Паланка до заедничкиот тунел. Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред работниот состанок посветен на активностите и плановите за проектите на Коридорот 8, кој се одржува во соработка со претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

„Во однос на тендерот за избор на надзор за третата најкомплицирана фаза од железничката пруга кон Бугарија се надевам дека што повеќе европски и светски компании ќе аплицираат“,
вели Николоски.
Во однос на заедничкиот тунел рече дека работите се одвиваат добро и оти се надева дека за брзо време и таму ќе почнат активностите.
„Втората фаза се одвиваше со едно забавено темпо, сега и таму ги надминуваме проблемите, сите 16 тунели веќе се пробиени и очекувам некаде од 2028 година и втората фаза потегот од Бељаковце до Крива Паланка да го завршиме. Првата фаза од Куманово до Бељаковце веќе е во функција“,
рече тој.
Најави дека на денешниот состанок ќе се разговара и за западното железничко крило на Коридорот 8, прво за потегот од Скопје преку Јегуновце, Тетово, Гостивар, Кичево, каде веќе има пруга, но треба да се донесе во повисоко ниво. Вториот потег треба да оди од Кичево, Охрид, Струга и границата со Албанија.
„Изградбата на железничкиот и патниот дел од Коридорот 8 ќе чини околу пет милијарди евра. Државата покажува дека може да спроведува големи инфраструктурни проекти. Се надевам дека со иста одговорност ќе работат и нашите соседи Албанија и Бугарија, зашто нема поента ние да потрошиме толку пари, а од другата страна да нема активности. Така што се надевам дека ќе има посветеност и од нивна страна со цел заеднички да ги завршуваме проектите“,
кажа вицепремиерот и министер за транспорт.
Во делот на автопатското поврзување на Коридорот 8, Николоски посочи дека почнувајќи од Деве Баир се завршува реконструкцијата на граничниот премин „Деве Баир“ и веќе се разгледува за втора фаза за проширување на граничниот премин.
„Ја пуштивме во функција обиколницата на Крива Паланка. Исто така го пуштивме експресниот пат од Страцин до Крива Паланка. Во моментот заедно со ‘Бехтел и Енка‘ работиме на изградба на автопатот Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Исто така работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево, а во моментот сме во финална фаза на избор на изведувач за автопатот Кичево – Бокојчани, уште една делница од Коридорот 8. Заедно со Европската Унија ќе работиме во рамки на Планот на раст за изградба на експресен пат помеѓу Куманово и Страцин, што значи дека од границата со Албанија до границата со Бугарија треба да имаме автопатско решение или експресен пат. Ја завршивме и реконструкцијата на граничниот премин ‘Ќафасан‘ и веќе е ставен во функција, а веќе работиме на втората фаза, тоа е проширување и го знаете оној предизвик кој што го имаме со УНЕСКО. Не е воопшто доведено во прашање дали до Струга и до граничниот премин ‘Ќафасан‘ ќе имаме автопатско решение, прашање е само по која траса ќе се движиме и тоа е нешто што ќе дискутираме и денеска со претставниците на Европската Унија, но и при посетата што ќе ја имаме од УНЕСКО”,
рече Николоски.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, рече дека Коридорот 8 претставува стратешки потег со значајни придобивки за граѓаните и земјите во регионот, нагласувајќи дека неговото безбедносно значење во услови на актуелната геополитичка криза.
„Овој состанок е потврда за заложбата на Владата за реализација на проектите од Коридорот 8“,
рече Непнау.
Николоски во февруари информираше дека Народното собрание на Бугарија денеска го ратификуваше Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов во ноември лани во Ѓуешево го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8. Со тоа, двете земји ги дефинираат меѓусебните обврски за изградба на тунелот чија проектираната должина е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија, а другите 1,2 километри на Бугарија.
