Што се случува со деветтемина приведени од Арачиново и од Грчец во полициската акцијата во саботата? Дали се во притвор или се пуштени на слобода? Ниедна од надлежните институции нема прецизен одговор.
„360 Степени“ ги контактираше МВР, јавното обвинителството и скопскиот Кривичен суд за ја дознае судбината на приведените, но секоја од овие институции ја префрла топката кај друга.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека одлуките го носи обвинителството и дека тие ќе постапат според она што ќе биде побарано од нив. Од обвинителството, пак, велат дека до овој момент кај нив нема пристигнато кривична пријава од МВР за да можат да постапат по неа и да одлучат дали од судот ќе бараат притвор или некоја друга мерка. Од акцијата во саботата веќе се поминати 24 часа што е максималниот период во кој едно лице може да биде задржано во полициска станица без евентуално да има барање од обвинителството за негово притворање.
Од Основниот суд Скопје 1 потврдуваат дека од уапсените во оваа акција досега пред судија на претходна постапка било изведено само едно лице. Тоа е десетиот приведен во акцијата и за него уште во саботата имаше барање за притвор и кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи откако во неговиот дом во Арачиново биле пронајдени два полуавтоматски пиштоли и куршуми.
Сите приведени во акцијата се од селата Арачиново и Грчец и тие, како што соопштија од МВР, се можни членови на криминални групи кои делуваат во скопскиот регион. Дел од нив беа приведени поради сомнение за делата неовластено пуштање во промет на наркотични дроги и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, а дел поради поврзаност со вооружената пресметка која минатиот викенд се случи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Во акцијата полицијата со судски наредби направи претреси на 34 локации кај 32 лица во повеќе делови од Скопје: Центар, Ѓорче Петров, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци и Студеничани. Беа запленети: автомобили, пиштоли, пушки, куршуми, панцири, лаптопи, опрема за видео надзор, мобилни телефони, дрога итн.
Дел од одземените предмети веќе се извештачени, додека за другите вештачењето е во тек.