Еден од приведените од Арачиново во вчерашната акција на МВР е под истрага која ја отвори скопското обвинителството кое побара и мерка 30-дневен притвор.
Од обвивинителството сè уште не ја добиле одлуката дали е прифатен притворот, но според неофицијални информации прифатена е побараната мерка.
За останатите деветмина, до овој момент нема одлука. Тие ноќта ја поминаа во полициска станица, а процедурата налага дека до обвинителството и за нив треба да се поднесат кривични пријави по кои ќе постапува обвинител и ќе одлучи дали и за нив од судот ќе бара притвор или друга мерка за обезбедување присуство.
Во текот на денот се очекуваат официјални информации и за нив.
Арачиновецот кој од вчера е под истрага е осомничен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи откако во акцијата во неговиот дом биле пронајдени два полуавтоматски пиштоли и куршуми.
МВР во акцијата вчера уапси 10 лица шестмина од селото Грчец и четворица од Арачиново. Станува збор за лица кои, како што соопштија од МВР, се можни членови на криминални групи кои делуваат во скопскиот регион, а дел од приведените се поврзани и со вооружената пресметка која минатиот викенд се случи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Покрај во домот на лицето кое веќе е под истрага, полицијата направи претреси на вкупно 34 локации кај 32 лица во повеќе делови од Скопје: Центар, Ѓорче Петров, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци и Студеничани.
Како што информираше МВР, биле запленети автомобили, пиштоли, пушки, куршуми, панцири, лаптопи, опрема за видео надзор, мобилни телефони, дрога итн.
Оттаму денеска велат дека се вештачат одземените предмети.
„Во врска со полициската акција на СВР Скопје во содејство со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции во координација со ОЈО Скопје, се преземаат понатамошни мерки и активности во однос на сите извршени претреси и пронајдени предмети. Врз основа на веќе добиените наредби од ОЈО Скопје, извршено е вештачење на дел од одземените предмети, а за останатите одземени предмети постапката е во тек“, велат од МВР за „360 Степени“.
Освен десетмината уапсени вчера, ден претходно, МВР приведе две лица, едно од Скопје во чиј дом биле пронајдени 1,5 килограми марихуана и друго од селото Крушопек кое се барало со централна потерница.
Повеќе детали за вчерашната акцијата и за вооружената пресметка во „Александар Палас“, со која се поврзани дел од приведени, прочитајте ТУКА.