Во полициската акција која од утрово ја спроведе МВР во скопскиот регион приведени се 10 лица, шестмина од селото Грчец и четворица од Арачиново. Во текот на вчерашниот ден, пак, уапсени се уште две лица, едно од Скопје во чиј дом биле пронајдени 1,5 килограми марихуана и друго од селото Крушопек кое се барало со централна потерница.
Акцијата била насочена кон лица можни членови на криминални групи кои делуваат во скопскиот регион, а дел од приведените се поврзани и со вооружената пресметка која минатиот викенд се случи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, потврди попладнево началничката на одделението за информации од јавен карактер, Сузана Прањиќ Талевска.
Тие се приведени за делата предизвикување општа опасност и загрозување на сигурноста на службено лице, додека останатите се осомничени за неовластено пуштање во промет на наркотични дроги и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Акцијата започнала во 5 часот и со судски наредби направени се претреси на 34 локации кај 32 лица во повеќе делови од Скопје: Центар, Ѓорче Петров, Ченто, Арачиново, Чаир, Бутел, Визбегово, Бардовци и Студеничани.
По претресите полицијата запленила автомобили, пиштоли, пушки, куршуми, панцири, лаптопи, опрема за видео надзор, мобилни телефони, дрога итн.
Во врска со настаните во „Александар Палас“ минатиот викенд надлежните регистрираа два инцидента. Во едниот имаше вооружена пресметка помеѓу две групи. Идентитетот на членовите на групата која пукала кон другата тогаш не беше познати за полицијата.
Во другиот инцидент, кој се случил неколку часа пред пресметката, една од групите упатувала закани по живот кон 11 полицајци кои сакале да ги легитимираат. За ова, четири лица добија кривични пријави за загрозување на сигурноста. Иако тројца од пријавените беа лишени од слобода, обвинителството не побара притвор за нив. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во вчерашното гостуање во „360 Степени“, рече дека е разочаран од ваквиот однос на обвинителството.