Никогаш нема да ја потпишам независноста на Косово. Нека им служи на чест на сите оние на српската политичка сцена кои изнесуваат такви лаги, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во видеопорака на социјалната мрежа Инстаграм.
„Драги луѓе, почитувани граѓани, во секоја изборна кампања слушате секакви работи, слушате сè. Во добар дел, за жал, тоа се лаги. Но, јас како претседател на Републиката морам да реагирам на нешто што мене не ме засега, што не се однесува на блокот политички партии што јас лично ги поддржував. Она што ме засега се државата и основните постулати на кои почива нашата држава. Имено, како што кажаа во минатата кампања дека се против санкциите кон Русија и дека јас лично ќе ги воведам на 3 април. По изборите не го направив тоа, а тие сепак и сега се залагаат за санкции против Руската Федерација. Така и сега измислија дека сум подготвен да потпишам независност на Косово само да поминат изборите. Сакам вие, луѓето на Србија, да знаете дека се работи за лаги. И како чесен човек, и како човек кој ги почитува Уставот и законите на својата земја и кој го сака својот народ на Косово и Метохија, повеќе од сè друго и кој секогаш ќе се држи до слово на законот и заклетвата… тоа се лаги. Србија не можат да ја срушат со лаги. Работата и резултатите секогаш ќе победат“,
рече Вучиќ.
Вучиќ вчера распиша вонредни парламентарни избори за 17 декември.