Имало размислување, но никогаш формален предлог за да биде пратен во Брисел, кажа шефот на дипломатијата
Никогаш не било пратено барање за агреман за која било држава за Теута Арифи, тврди министерот за надворешни работи Бујар Османи откако изминатите денови во јавноста излегоа информации дека било планирано таа да биде испратена за амбасадорка во САД или Турција, но немало согласност ниту од Вашингтон ниту од Анкара.
Исто така, имаше информации и дека таа требало да замине во Брисел како амбасадорка во ЕУ, но шефот на дипломатијата тврди дека за таму имало само размислувања, а не и формален предлог.
„Никогаш немало размислување ниту предлог за Анкара, а камоли одбивање. Никогаш немало предлог за Теута Арифи да биде испратена во Вашингтон за да биде одбиена. Никогаш немало формализиран предлог за Теута Арифи за Брисел. Имало размислување, но никогаш формален предлог за да биде пратен во Брисел. Три дена се споменуваат име и места, дека се одбиени агремани, и покрај тоа што за едното пуштивме соопштение, за второто за Анкара не ни бев прашан“,
рече Османи.
Тој побара и да се биде внимателен со, како што рече, објавувањето информации обвинувајќи дека се шират и лажни вести.
„Мора да внимаваме на прашањето за лажните вести затоа што на крај жртви се граѓаните, освен достоинството на луѓето за кои зборуваме, а зборуваме непроверено. Но, во ред, ние сме политичари, кога сме влегле во политиката, сме биле свесни дека некогаш ќе бидеме жртва на лажни вести, но граѓаните не смеат да бидат жртви на лажни вести“,
рече Османи.