Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека согласноста за интервенција во Уставот партијата ја условува со добивање првин на цврсти гаранции од Европската унија за македонскиот идентитет во кој што е содржан јазикот и за тоа дека билатералните прашања нема веќе да бидат можност за ново вето се додека земјава не стане членка на ЕУ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднашт го потврди ставот на партијата дека нема да поддржи уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот.
Мицкоски, овој пат во интервју за а1он, повтори дека согласноста за интервенција во Уставот партијата ја условува со добивање првин на цврсти гаранции од Европската унија за македонскиот идентитет во кој што е содржан јазикот и за тоа дека билатералните прашања нема веќе да бидат можност за ново вето се додека земјава не стане членка на ЕУ.
Под актуелните околности и под овие услови, вели Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа.
„Јас сум кажал уште во февруари месец оваа година, потребни се гаранции и тоа две суштински гаранции се битни, за нашиот македонски идентитет во кој што е содржан јазикот и за тоа кое што цело време не убедуваа дека билатералните прашања нема веќе да бидат можност за некој да стави вето се додека Македонија не стане членка на Европската Унија“,
изјави Мицкоски.
Прашан дали знае дали некоја друга земја, која има добиено вакви писмени гаранции, Мицкоски истакна дека не познава друга европска земја освен Македонија која што во преговарачката рамка има содржано билатерален договор, и како што потенцираше бидејќи „ние сме посебен случај тогаш посебно и ќе се однесуваме“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави оти не знае на што се темели коментарот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека ќе бидат изгласани уставните измени.
„Ако мислат дека пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и околности, еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција, а тоа е дека уставни измени под вакви околности, под вакви услови ние немаме намера да поддржиме“,
изјави Мицкоски.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на завчерашната прес конференција во рамките на нејзината официјална посета на земјава истакна дека верува оти сите политичари во Северна Македонија ќе сфатат дека мора да дадат заеднички придонес кон тоа земјата да се движи напред. Таа за противењето на опозицијата да поддржи уставни измени без никаква гаранција од Европската Унија одговори дека на билатералната средба е зборувано за оваа важна тема, за уставните измени.