Според краткиот опис на Обвинителството, 60-годишниот инвеститор делото го сторил во текот на 2018 и 2019 година, кога без одобренија од надлежното министерство и од Управата за заштита на културното наследство ги извел незаконските градби
Скопското Основно јавно обвинителство, по спроведена истражна постапка, поднело обвинителен акт против против 60-годишно лице поради незаконска надградба на дуќан и изградба на хотел во Старата скопска чаршија.

Обвинетиот, како што соопштија денеска од републичкото Јавно обвинителство, се товари за кривичното дело бесправно градење по член 244-а став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
За ова кривично дело, според ставот 1, е предвидена затворска казна од три до осум години.
Како што информираат од Обвинителството, тој делото го сторил во текот на 2018 и 2019 година, кога без одобренија од надлежното министерство и од Управата за заштита на културното наследство направил доградба на својот дуќан, а на соседната парцела изградил хотел.
„Обвинетиот 60-годишник, во текот на 2018 и 2019 година, во својство на инвеститор, во Старата скопска чаршија, на постоечки објект – дуќан од 93 м2 во негова сопственост, извел надградба од ходници, скали, лифт, рецепција и други простории, а на соседна парцела извршил целосна изградба на објект – хотел со подрум, четири ката и поткровје, без да поседува одобрение за градење од надлежното министерство, но и без основен конзерваторски проект и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство“,
се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
