Националниот институт за метеорологија и хидрологија на Бугарија активира жолт метеоаларм предупредувајќи на опасност од силно невреме во земјата, откако од Македонија им пристигна студен атмосферски фронт. Се стравува дека тој ќе предизвика бура, значителни врнежи, силен ветер и град во западниот дел од државата, кој подоцна ќе се пресели и кон источниот дел и црноморскиот брег.
За разлика од Бугарија, во Македонија претпладнето ќе биде променливо облачно со услови за краткотраен локален дожд и појава на грмежи. Разведрување се очекува во попладневните часови кога облачноста ќе се намали, а ќе преовладува сончево, но посвежо време. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови засилен ветер од западен и северозападен правец.
Како што инфомираат од Управата за хидрометеоролошки работи, минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје претпладне ќе биде променливо облачно, а попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Од утре следува период на стабилно и посвежо време со умерен до засилен ветер од северен и северозападен ветер.