Ја уверуваме македонската јавност дека, доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме, со сите средства и на сите начини, велат професорите од факултетот „Блаже Конески“
Станува збор за целосни невистини и манипулации, реагираат денеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, во однос на, како што се посочува, тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени во медиумите.
„За жал, овие написи доаѓаат токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор, Блаже Конески и на 75-годишнината од основањето на Катедрата за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Академик Блаже Конески беше член на нашата Катедра од нејзиното основање и поради огромната почит што ја имаме кон личноста и делото на нашиот професор, тој е одбран за патрон на институцијата. Затоа да не дозволиме неговото име наместо да нѐ обединува да нѐ разединува“,
се наведува во отвореното писмо, потпишано од повеќе професори од Филолошкиот факултет.
Професорите изразуваат „цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност.
„Истовремено, ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини. Остануваме посветени на својата мисија во афирмацијата на македонскиот јазик и неговото научно проучување, како и во образованието на млади кадри македонисти што со наша помош ќе го почитуваат и ќе го продолжат делото на Конески, во нашата средина и на меѓународен план“,
се наведува во отвореното писмо.