Според Ројтерс, во преговорите, кои се водат со посредство на Катар и Египет, Хамас побара прекинот на огнот да биде увертира за крајот на војната и повлекување на израелските сили од Појасот Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се согласил да испрати израелска делегација во Египет и Катар, каде што преговарачите се обидуваат да договорат ослободување на израелските заложници како дел од можниот договор за прекин на огнот во Газа, пренесува Ројтерс.
Од кабинетот на Нетанјаху изјавиле дека тој разговарал со шефовите на израелските разузнавачки агенции „Шит Бет“ и „Мосад“.
„Премиерот одобрил делегациите во нивно име да одат во наредните денови во Доха и Каиро, со мандат да продолжат со преговорите“,
се вели во кабинетот на Нетанјаху.
Нетанјаху пред неколку дена изјавил дека Хамас поставува бесмислени барања во индиректните преговори за примирје во појасот Газа.
„Бесмислените барања на Хамас водат до заклучок дека палестинските милитанти не се ни заинтересирани за договор“,
рече тогаш Нетанјаху.
Според Ројтерс, во преговорите, кои се водат со посредство на Катар и Египет, Хамас побара прекинот на огнот да биде увертира за крајот на војната и повлекување на израелските сили од Појасот Газа.
Претходно Хамас објави предлог кој вклучува четири и пол месечен прекин на огнот во Појасот Газа, во рамките на кој би биле ослободени сите заложници, а Израел да ги повлече своите војници од Појасот, со што би се отворил пат за постигнување договор за прекин на војната.
Израелскиот премиер, пак, отфрла секаков договор со кој Хамас би добил целосна или делумна контрола врз Појасот Газа.
Во тој контекст, Нетанјаху изјавил и дека Израел е единствената сила која може да гарантира безбедност на долг рок.
Прекинот на огнот треба да овозможи и зголемување на испораката на храна и друга помош за Газа.