Претходно денеска „Тајмс оф Израел“ објави дека портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед Ал-Ансари, рекол: „Ние сме на најблиската точка во која некогаш сме биле во постигнувањето договор“, додавајќи дека преговорите се во критична и последна фаза
Станува збор за договор кој, според новинските извештаи, ќе вклучува повеќедневна пауза во непријателствата меѓу Израел и Хамас, ослободување на околу 50 цивилни заложници од страна на Хамас и ослободување на палестинските жени и деца кои се држат во израелски притвор
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјавил дека е постигнат напредок во напорите за ослободување на заложниците што Хгамас ги држи во Појасот Газа, а кои групата ги киднапира при нападот на Израел на 7 октомври, пишуваат британските медиуми повикувајќи се новинската агенција Ројтерс.
„Ние напредуваме. Мислам дека не вреди да се кажува многу, дури ни во овој момент, но се надевам дека наскоро ќе има добри вести“,
објави Ројтерс повикувајќи се на изјава од неговиот кабинет.
Во меѓувреме од кабинетот на израелскиот премиер, во објава на социјалната мрежа, соопштија:
„Во светло на развојот на настаните околу прашањето за ослободување на нашите заложници, премиерот Бенјамин Нетанјаху вечерва ќе го свика Воениот кабинет во 18 часот (по локално време н.з.), Кабинетот за безбедност во 19 часот и Владата во 20 часот.“
Prime Minister’s Office Announcement:
— Prime Minister of Israel (@IsraeliPM) November 21, 2023
In light of developments on the issue of the release of our hostages, Prime Minister Benjamin Netanyahu will, this evening, convene the War Cabinet at 18:00, the Security Cabinet at 19:00, and the Government at 20:00.
Инаку, преговорите за постигнување договор меѓу Израел и Хамас, посредувани од САД и Катар, за ослободување на заложниците изминативе неколку дена се во фокусот на јавноста.
Катарскиот премиер во неделата рече дека договорот за ослободување на некои од заложниците во замена за привремен прекин на огнот зависи од „ситни“ практични прашања.
Претходно денеска „Тајмс оф Израел“ објави дека портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед Ал-Ансари, рекол: „Ние сме на најблиската точка во која некогаш сме биле во постигнувањето договор“ додавајќи дека преговорите се во критична и последна фаза“.
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, исто така денеска рано наутро изјави дека Хамас е блиску до договор за примирје со Израел.
„Блиску сме до постигнување договор за примирје“,
рече Ханије додавајќи дека групата го доставила својот одговор до катарските посредници.
Се известува дека договорот ќе вклучува повеќедневна пауза во непријателствата, ослободување на околу 50 цивилни заложници од страна на Хамас и ослободување на палестинските жени и деца кои се држат во израелски притвор.
Како што објави АФП, два извори запознаени со преговорите за примирје за агенцијата изјавиле дека нацрт-договор вклучува петдневно примирје, кое опфаќа прекин на огнот на теренот и ограничувања на израелските воздушни операции над јужниот дел на Газа. За возврат, меѓу 50 и 100 затвореници држени од Хамас и „Исламски џихад“ – посебна палестинска милитантна група – ќе бидат ослободени. Тие ќе вклучуваат израелски цивили и заробеници од други националности, но не и воен персонал.
Вчера американскиот претседател Џо Бајден рече дека верува оти договорот за ослободување на заложниците е блиску.
Белата куќа соопшти дека преговорите се во крајна фаза, но одби да даде дополнителни детали велејќи дека тоа може да го загрози успешниот исход.
Инаку, како што посочува „Гардијан“, постигнувањето на договор би значел најголемо ослободување на заложници и прва размена на затвореници по нападот на Хамас на 7 октомври на Израел. До денес, како што потсетува весникот, само четири од околу 240 лица киднапирани лица од Хамас се вратени во Израел.
Пред војната, како што се наведува, Израел во притвор држел околу 5 200 Палестинци, а од 7 октомври досега имало повеќе од 2 900 нови апсења.
Групите за човекови права и мониторинг веруваат дека Израел држи најмалку 95 жени, 37 новинари и 145 деца меѓу нив, пишува „Гардијан“