Нетанјаху рече дека не се точни информациите во медиумите дека Израел се согласил на ослободување голем број терористи
Израел нема да ја прекине војната додека не ги постигне сите цели – уништување на Хамас, ослободување на сите заложници и обезбедување дека Појасот Газа никогаш веќе нема да претставува закана за Израел, изјави денеска на состанок на владата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Нетанјаху повтори дека уништувањето на Хамас е главната воена цел на Израел, што, како што наведе, повлекува уништување на преостанатите седум баталјони на таа терористичка група, операциите за расчистување што израелската армија ги спроведува во рациите во северниот и централниот дел на Појасот Газа, како и уништување на мрежата на подземни тунели на групата, што бара повеќе време.
Зборувајќи за потенцијалниот договор за ослободување на заложниците, Нетанјаху рече дека Израел нема да се согласи на никаков договор, по секоја цена, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху рече дека не се точни информациите во медиумите дека Израел се согласил на ослободување на голем број терористи.
Викендов, илјадници демонстранти во Израел излегоа на улиците и побараа од владата да направи повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците киднапирани од милитантната палестинска организација Хамас, јави ДПА.
Митингот на заложничките семејства во крајбрежната метропола Тел Авив се одржа вчера под слоганот „120 дена под земја“ во однос на бројот на денови во кои се задржани над 130 заложници.
На други демонстрации во Тел Авив, учесниците побараа оставка од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и предвремени избори.