Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество мора да се дерадикализира, се трите предуслови кои Нетанјаху ги објаснува во авторски текст објавен во „Волстрит џурнал“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека пред да има мир меѓу Израел и Палестинците, Хамас мора да биде уништен, Газа мора да се демилитаризира и палестинското општество мора да се дерадикализира.
Трите предуслови Нетанјаху ги објаснува во авторски текст објавен во „Волстрит џурнал“.
Во врска со првиот услов за мир, Нетанјаху пишува: „САД, Велика Британија, Франција, Германија и многу други земји ја поддржуваат намерата на Израел да ја уништи терористичката група. За да се постигне таа цел, мора да се уништат нејзините воени способности и да се прекине неговото политичко владеење над Газа. Водачите на Хамас ветија дека ќе го повторуваат масакрот од 7 октомври ’повторно и повторно’. Затоа нивното уништување е единствениот пропорционален одговор за да се спречи повторување на таквите ужасни злосторства“.
Нетанјаху вели дека меѓународната заедница треба да го обвини Хамас за огромните цивилни жртви во војната.
„Израел прави се за да ги минимизира цивилните жртви“,
напиша тој.
Нетанјаху вели дека Израел, исто така, мора да се погрижи Газа никогаш повеќе да не се користи како база за напад на земјата.
„Меѓу другото, ова ќе бара формирање привремена безбедносна зона на периметарот на Газа и механизам за инспекција на границата меѓу Газа и Египет што ги задоволува безбедносните потреби на Израел и спречува шверц на оружје на територијата“,
пишува Нетанјаху.
Според него, „очекувањата дека палестинската управа ќе ја демилитаризира Газа е неверојатен сон“, и додава дека Рамала не покажа ниту способност ниту волја да ја демилитаризира Газа.
Истакнувајќи го третиот предуслов за мир, премиерот напиша дека палестинските училишта мора да ги учат децата да го негуваат животот наместо смртта, а имамите мора да престанат да проповедаат за убиства на Евреи.
„За тоа најверојатно ќе биде потребно храбро и морално лидерство“,
рече Нетанјаху, напаѓајќи го палестинскиот претседател Махмуд Абас, за кој вели дека не може ни да се натера да ги осуди злосторствата од 7 октомври.
Нетанјаху укажа на „успешната дерадикализација“ што се случи „во Германија и Јапонија по победата на сојузниците во Втората светска војна“ и рече дека денес и двете нации се големи сојузници на САД и промовираат мир, стабилност и просперитет во Европа и Азија.
„Штом Хамас ќе биде уништен, Газа ќе се демилитаризира и палестинското општество ќе започне процес на дерадикализација, Газа може да се обнови и изгледите за поширок мир на Блискиот Исток ќе станат реалност“,
додава тој.
Нетанјаху вели дека во догледна иднина Израел ќе мора да ја задржи главната одговорност за безбедноста на Газа.