Вчера вечерта, и покрај дождот, илјадници луѓе излегоа на протест во Тел Авив, на кој извикуваа: „Биби, Биби, не те сакаме повеќе“, мислејќи на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Повеќе од десет израелски војници се убиени во борбите во Појасот Газа во изминатите неколку дена, соопшти денеска израелската војска, по едни од најкрвавите денови од војната по почетокот на копнената офанзива на Израел во енклавата кон крајот на октомври, јавуваат светските агенции.

Според информациите, во борбите во централниот и јужниот дел на Газа во петокот и вчера загинале 13 израелски војници, што според агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) покажува дека Хамас сè уште ѝ дава силен отпор на изралеската војска по повеќе од два месеца воена кампања.
Зголемениот број загинати меѓу израелските војници, велат анализите, веројатно ќе биде важен фактор за поддршката на израелската јавност на војната која започна кога милитантите на Хамас на 7 октомври го нападнаа јужниот дел на Израел убивајќи 1 200 луѓе, а 240 беа земени како заложници.
Војната која беснее речиси три месеци опустоши делови од Појасот Газа, каде што според здравствените власти под контрола на Хамас се убиени повеќе од 20 000 Палестинци, а речиси 85 отсто од 2,3 милиони жители на енклавата се раселени.
Израел и понатаму останува цврсто на целите на својата воена кампања – целосно уништување на Хамас и ослободување на преостанатите 129 заложници. Позицијата на Израел останува стабилна и покрај зголемениот меѓународен притисок против израелската офанзива и зголемената смрт и страдање на Палестинците.
Сепак, како што оценува АП, зголемениот број загинати израелски војници може да ја поткопа таа поддршка. Смртта на војниците е чувствителна и емотивна тема во Израел, каде што воената служба е задолжителна за повеќето Евреи.
Според податоците на Израле, вкупно 152 припадници на израелските одбранбени сили биле убиени во офанзивата во Појасот Газа.
Имињата на загинатите војници се објавуваат на почетокот на вестите на час, а во мала земја со околу девет милиони жители, практично, секое семејство има роднина, пријател или соработник кој изгубил член на семејството во војната.
Додека Израелците ги поддржуваат воените напори, постои и гнев против владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која многумина ја критикуваат за неуспехот да ги заштити цивилите на 7 октомври и дека со неговите политики му овозможил на Хамас да стане посилен со текот на годините.
Вчера вечерта, и покрај дождот, илјадници луѓе излегоа на протест во Тел Авив, на кој извикуваа:
„Биби, Биби, не те сакаме повеќе“,
мислејќи на Нетанјаху кој е познат по овој прекар.

Нетанјаху не ја презеде одговорноста за воените и политичките неуспеси кои доведоа до 7 октомври велејќи дека ќе одговори на тешките прашања штом ќе завршат борбите.
Вчера портпаролот на израелската армија Даниел Хагари рече дека војниците ја прошируваат офанзивата во северниот и јужниот дел на Газа и дека се борат во комплексните области во Кан Јунис, вториот по големина град во Појасот Газа, каде што Израел вели дека се кријат лидерите на Хамас.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера разговара со израелскиот премиер, соопшти Белата куќа. Тој ја истакнал поддршката за Израел истовремено изразувајќи загриженост поради зголемениот број жртви и хуманитарната криза во Газа.
Бајден одби да сподели деталите со новинарите за разговорот со Нетанјаху велејќи дека станувало збор за приватен разговор.
„Не побарав прекин на огнот“,
рече американскиот претседател.