Од Здружението посочуваат дека доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања околу начинот на кој известува јавниот сервис или кој било друг медиум во земјава, наместо да споделуваат лични квалификации, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела и на тој начин да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осуди и изрази загриженост за изјавата на експремиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во која тој, коментирајќи ја анкетата на Институтот за политички истражувања за претстојните избори, која беше презентирана на јавниот сервис, рече дека МРТ потсетува како изгледале медиумите до 2016 година.
Вакви изјави, велат од ЗНМ, може да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период, посебно на јавниот сервис.
„Вистинска улога на медиумите е да служат како стожер на демократијата, пренесувајќи проверени информации без влијание од политички интереси, и секој обид за поткопување на медиумскиот интегритет е за осуда“,
велат од ЗНМ.
Дополнително, од Здружението посочуваат дека изјавите од лидери на политички партии кои отвораат прашања за објективноста и непристрасноста во медиумското известување на МРТ, прави штета на имиџот на јавниот сервис, но и на демократските принципи и правото на граѓаните да бидат информирани точно и непристрасно.
„Потсетуваме дека Законот кој ја регулира работата на МТВ во членот 111 укажува дека јавниот сервис обезбедува непристрасни, сеопфатни и важни информации и истите треба да ги презентираат јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење. Дополнително овие информации не застапуваат или фаворизираат ставови или интереси на одредена политичка партија, здружение, личен интерес, религија или идеологија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другите медиумски услуги“,
пишува ЗНМ во реакцијата.
Од ЗНМ посочуваат дека доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања околу начинот на кој известува јавниот сервис или кој било друг медиум во земјава, наместо да споделуваат лични квалификации, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела и на тој начин да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди.
Реакцијата на ЗНМ доаѓа откако лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, коментирајќи ја анкетата на ИПИС која во вторникот беше презентирана на МРТ, а според која ВМРО-ДПМНЕ е во речиси двојна предност пред СДСМ во втората и шестата изборна единица, рече дека МРТ потсетува како изгледале медиумите до 2016 година.