Во соопштението на МВР се посочува дека на 30 ноември тројца полициски службеници запреле возило со марка „фолксваген“ кое било управувано од малолетник, но не ги презеле потребните службени дејства, поради што против нив ќе се поведе дисциплинска постапка. Доплнително, од МВР велат дека тројцата полицајци за време на службен разговор негирале дека кој било им се заканувал или вршел притисок врз нив
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска преку соопштение информира дека по детално спроведените проверки од Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје утврдено е дека се дезинформации наводите изнесени во дел од медиумите и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти полицајци биле нападнати и протерани од општина Арачиново.
Во соопштението на МВР се посочува дека на 30 ноември тројца полициски службеници запреле возило со марка „фолксваген“ кое било управувано од малолетник, но не ги презеле потребните службени дејства, поради што против нив ќе се поведе дисциплинска постапка. Доплнително, од МВР велат дека тројцата полицајци за време на службен разговор негирале дека кој било им се заканувал или вршел притисок врз нив.
„Затоа, апелираме пред да се проверат фактите да не се објавуваат дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните“,
велат од МВР.
Дополнително, од Министерството додаваат дека денеска во полициското одделение во Арачиново на службен разговор биле повикани 17-годишниот малолетник кој бил запрен од полициските службеници и неговиот родител, и двајцата од село Сарај. За време на службениот разговор, малолетникот го појаснил стореното дело.
„Против малолетникот е поднесен поднесок за констатиран прекршок за управување на моторно возило без возачка дозвола, а против родителот поднесок за сторен прекршок поради тоа што му дозволил на малолетникот да го управува возилото без дозвола“,
додаваат од МВР и појаснуваат дека 17-годишникот и неговиот родител го прекршиле Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по однос на член 225 и член 317 став 14.
Претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од министерот Оливер Спасовски за случајот во кој, како што рекоа, вооружени лица блиски до власта влегле со закани во полициско одделение во Арачиново при што четворица полицајци добиле наредба од претпоставениот да се повлечат од полицискиот пункт и од Арачиново да се повлечат во Гази Баба. Ова, како што наведоа од партијата, се случило затоа што протераните полицајци претходно сопреле лице со возило без валидни документи.
По однос на овој случај, вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција изјави дека во МВР нема стигнато пријава што укажува дека имало макар и вербален напад врз полициските службеници од полициската станица во Арачиново.
Освен ВМРО-ДПМНЕ која обвини за инцидентот, дел од медиумите, според неофицијални информации, објавија дека пред неколку дена полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група откако претходно се обидела да запре возило кое било управувано од лице што не поседувало документи.
Лицето почнало да бега, а откако патролата тргнала по него била пресретната од вооружена група по што морала да го напушти местото.