Мијалков претходно денеска ја потврди автентичноста на фотографијата и за порталот на албански јазик, „Лајм“, кој ја објави попладнево, но, кажа дека е стара. Фотографијата се појави истиот ден кога група членови на ВМРО-ДПМНЕ на настан пред партиското седиште побараа вонреден конгрес и оставка од Мицкоски. Медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ ја објавија фотографијата со наслов: „Коалициониот партнер на Заев, Груби на кафе со Сашо Мијалков“
Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, преку својот тим за односи со јавност во изјава за „Фокус“ вели дека фотографијата со Артан Груби која денеска стана актуелна на социјалните мрежи и медиумите е стара и нема врска со актуелните случувања.
„Фотографијата со господинот Мијалков и господинот Груби е стара, од пред неколку години и нема врска со актуелните случувања. Истата фотографија кружеше по социјалните медиуми и пред две години. Значи, се работи за класичен спин“,
се вели во изјавата.
Мијалков претходно денеска ја потврди автентичноста на фотографијата и за порталот на албански јазик, „Лајм“, кој ја објави попладнево, но, кажа дека е стара.
Порталот објави и видео, снимено од „News33.tv“, за кое се тврди дека е денешно и на кое на излегување од „Мериот“ го прашуваат Груби дали се сретнал со Мијалков, на што тој одговара дека се видел со сопартиецот Фатмир Дехари. На фотографијата Груби има сако и вратоврска, а на видеото е по кошула.
Објавувањето на заедничка фотографија од Мијалков и Груби се случува на денот кога превирањата во опозициската ВМРО-ДПМНЕ добија на интензитет. Денеска членови на ВМРО-ДПМНЕ на собир пред партиското седиште јавно побараа вонреден партиски конгрес и оставка од лидерот Христијан Мицкоски и актуелното раководство. По поразот на последните парламентарни избори, тие сметаат дека е време за промени. За тоа е согласен и Мијалков, кој речиси паралелно со собирот, се огласи на „Фејсбук“.
„Стотици илјади членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ не заслужуваат да ги води некој што лаже. На СДСМ му одговара прв човек на опозиција кој е навикнат на порази и одбива да се соочи со реалноста и одговорноста. Време е за промени. Време е за ново, сериозно раководство кое ќе ја добие поддршката од членството. Време е за луѓе кои ќе знаат да заземат став и да го бранат со аргументи“,
напиша Мијалков на „Фејсбук“.
Мицкоски засега не планира оставка, а по денешните јавни реакции на дел од поранешни и актуелни партиски членови, официјалната реакција на ВМРО-ДПМНЕ е дека се работи за „Мериот коалиција“, која им служи на интересите на Заев. Медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ ја објавија фотографијата со наслов: „Коалициониот партнер на Заев, Груби на кафе со Сашо Мијалков“.