Една помала група на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои наместо да се фокусираат на борбата против Зоран Заев, одбраа да служат на неговите интереси, се вели во реакција на партијата по барањето на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес и смена на лидерот Христијан Мицкоски и актуелното раководство.
„Денес кога уште не е изгласана новата Влада на Заев, со стари и компромитирани транзициски кадри побараа нов конгрес и дадоа изјава пред седиштето на партијата. Во насока на транспарентноста, тие веднаш беа поканети на средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и раководството, при што за жал, не изразија подготвеност за отворена и конструктивна средба бидејќи немале таква насока“,
се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат да ја достават нивната иницијатива за да биде разгледана од Централниот комитет на партијата.
„За ВМРО-ДПМНЕ наместо интригантските игри на „Мериот“ коалицијата која им служи на интересите на Заев, поважна е борбата против катастрофалното управување на државата. Тоа е главниот приоритет за партијата и ВМРО-ДПМНЕ и во иднина нема да се занимаваме со нивната намена да ја ослабат партијата и да помогнат на партијата на власт“,
пишува во реакцијата.