Од претседателскиот кабинет велат дека, согласно со развојот на настаните, нема засега потреба од дополнителни консултации со експертите
Ако претседателот на Собранието остане на ставот дека нема правна основа да се свика распуштениот парламент, тогаш Владата ќе треба да донесе одлука во насока на „суспендирање“ на изборниот процес
Во вилата „Водно“ во последните денови не се одржуваат консултации со експертите по уставно право што ги повика шефот на државата Стево Пендаровски, за да ги слушне нивните размислувања за тоа како да се одложат или откажат парламентарните избори и евентуално како да се стави во функција распуштениот парламент.
Од кабинетот на Пендаровски велат дека, согласно со развојот на настаните, засега нема потреба од дополнителни консултации со експертите и дека засега не се планирани такви нови средби.
Во вторникот, во претседателската резиденција беа поканети неколкумина универзитетски професори по уставно право, главно од Правниот факултет на скопскиот универзитет. Меѓутоа, досега не произлезе решение за тоа како да се разреши ситуацијата со закажаните избори и изборниот процес кој стигна до повеќе од половина, наспроти согласноста на политичките лидери дека сега, со оглед на кризата со ширењето на коронавирусот, нема услови за одржување избори на 12 април.
На консултациите со експертите по уставно право присуствуваа и претседателите на Собранието и на Владата Талат Џафери и Оливер Спасовски. Од нив сега, според најавите од политички кругови, се очекува да ја разрешат ситуацијата со изборите, додека ДИК и натаму ги спроведува изборните дејствија, согласно со роковникот што беше донесен на 16 февруари, откако се распушти парламентот и беа распишани изборите.
Според наши соговорници, ако Џафери остане на ставот дека нема правна основа да се свика распуштениот парламент, тогаш Владата ќе треба да донесе одлука во насока на „суспендирање“ на изборниот процес. Олеснителна околност, во тој контекст, како што се посочува, е тоа што со прогласувањето на вонредната состојба Владата има можност да носи уредби со законска сила.
Во краен случај, не е исклучено да се побара и интервенција на Уставниот суд за да се најде правна основа за одложување или откажување на изборите. И евентуално за враќање во функција на распуштеното Собрание, со оглед на неизвесноста дали изборите ќе бидат вонредни или нивното одржување ќе навлезе во редовните термини, кои почнуваат да течат од септември.
Џафери во средата изјави дека единствена заедничко размислување на експертите што биле на консултациите кај Пендаровски е дека Собранието не може да си го врати мандатот откако ќе се распушти. Наспроти тоа, според Денис Прешова, еден од професорите што беа на консултациите со државниот врв, постојат редица аргументи зошто Собранието може да се состане во воена или вонредна состојба, доколку има услови и можност, и покрај тоа што се самораспуштило.