Претседателот на парламентот објасни дека со прогласување вонредна состојба, надлежностите на законодавната власт, практично, ги презема владата
Претседателот на парламентот Талат Џафери вели дека Собранието не може да се состане за да прогласи вонредна состојба, како што предложи денеска владата. Конкретна причина за тоа, како што вели, е фактот што Собранието е распуштено, а како индиректна причина посочува на мерките за заштита од коронавирусот кои забрануваат собири во поголеми група.
„Од моментот на прогласување вонредна состојба владата, практично, ги презема надлежностите на парламентот. Го чекам предлогот на владата, но со оглед на фактот дека Собранието не може да се состане ќе го препратам кај претседателот“
изјави Џафери
Во однос на консултациите со експерти по уставно право за одложувањето на изборите, Џафери рече дека единствена заедничко размислување на експертите е дека Собранието не може да си го врати мандатот откако ќе се распушти.
„Ниту владата не може со уредба да ја укине одлуката за самораспуштање на парламентот. Тоа евентуално може да го направи само Уставниот суд, ако има правна основа. Тоа што пратениците формално имаат мандат и земаат плата е минорна работа. Тоа е законско решение, за кое, исто така, може да се поднесе иницијатива за негова оценка пред Уставниот суд“,
посочи Џафери, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој рече дека Уставот предвува избори да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на парламентот, ама дека ситуацијата во овој случај е вонредна. Поради тоа, засега нема одговор кога би се одржале изборите.
„Не може никој да прејудицира до кога ќе трае оваа состојба. Во светот имало пракса и во воена состојба да се одржуваат избори. Сега не е најбитно кога ќе се одржат изборите. Веднаш кога ќе се создадат услови ќе се разговара и за тоа“,
рече Џафери.
Премиерот Оливер Спасовски соопшти претпладне дека владата предлага прогласување вонредна состојба во траење од 30 дена.
Претседателот Стево Пендаровски изјави синоќа дека последниот развој на настаните со коронавирусот може да го смени неговиот став дека не треба да се брза со воведување вонредна состојба.