Ако имате вонредна состојба, во тој случај Владата може да владее со уредби со законска сила и да се задолжува на меѓународниот финансиски пазар во услови кога буџетот нема да го издржи притисокот предизвикан од кризата, рече шефот на државата на ТВ Телма
Првичните проценки на една од стопанските комори се дека државава ќе треба итно да се задолжи од 500 до 700 милиони евра, вели Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски вели дека последниот развој на настаните поврзани со коронавирусот може да го смени неговиот став дека не треба да се брза со воведување вонредна или кризна состојба на поголем дел од територијата во државава.
„Од вчера до денеска е удвоен бројот на заразени со коронавирус во земјава. Затоа, можеби ќе треба да поминеме на едно ниво над сегашната ситуација со кризна состојба само во две општини“,
изјави Пендаровски при гостувањето во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Друг аргумент што го спомена Пендаровски кој го тера да размислува во таа насока е тоа што еден од последните случаи на заразени со Ковид-19 е од Скопје. Потенцијалот за ширење на заразата во главниот град и многупати поголема отколку во регионот на Дебар и Центар Жупа, рече претседателот Пендаровски. Притоа, тој спомена можно проширување на кризната состојба на територијата на општините кои би биле нови жаришта.
Но, Пендаровски не исклучува прогласување вонредна состојба пред се поради тоа што државата влегува во сериозна економска криза.
„Ако имате вонредна состојба, во тој случај Владата може да владее со уредби со законска сила и да се задолжува на меѓународниот финансиски пазар во услови кога буџетот нема да го издржи притисокот предизвикан од кризата. А загубите се веќе огромни“,
образложи Пендаровски.
За преферирањето на опозицијата да се воведе кризна состојба поради можно злоупотребување на вонредната состојба од Владата, Пендаровски рече дека останувањето на техничката влада може да биде брана или контрола од можни злоупотреби.
*поврзана вест Пендаровски најави клучни одлуки во следните 48 часа
*поврзана вест Вонредната состојба во Македонија дефинирана во Уставот: како се прогласува и што значи