Деркоски и денеска изрази уверување дека надлежните навреме ќе донесат одлука која ќе биде насока како да се постапува понатаму. Дотогаш ДИК ќе ги „брка“ изборните рокови за 12 април
Неколку дена откако политичките лидери постигнаа согласност за одложување на изборите, сè уште нема формална одлука како ќе се реализира тој чин. Во меѓувреме, ДИК продолжува со спроведување на изборните дејствија, на три дена пред рокот што беше определен за старт на кампањата.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, и денеска изрази уверување дека надлежните навреме ќе донесат одлука која ќе биде насока како да се постапува понатаму. Сè дотогаш, како што рече, ДИК ќе си ја извршува својата работа.
Денеска ДИК ги утврди последните три листи што ги поднесе Твоја партија. Во законскиот рок, оваа партија достави кандидатски листи за првата ИЕ, каде што носител е Мирјана Најческа, за втората ИЕ, каде што носител е Ѓорѓе Марјановиќ, додека во „петката“ носител е Илија Тодоровски
„Утврдени се 15 листи за вонредните или не знаеме какви ќе бидат наредните парламентарни избори. Се надевам дека надлежните навреме ќе донесат одлука што ќе не упати како да постапуваме понатаму. Сè до тој момент ДИК, колку и да му се допаѓало некому или не, ќе си ги извршува своите законски овластувања“,
истакна Деркоски.
На лидерската средба во вторникот партиските лидери се согласија дека сега нема услови за спроведување избори на 12 април, но не усогласија механизам како да го изведат одложувањето или откажувањето на изборниот процес. За тоа не произлезе решение ниту од консултациите што ги свика претседателот Стево Пендаровски, кој еден ден подоцна прогласи вонредна состојба, констатирајќи дека распуштеното Собрание не може да се собере и да го одобри предлогот на Владата.
Поради правниот лавиринт што се создаде, останува неизвесноста дали ќе се најде начин да се свика повторно распуштениот парламент, каде што Пендаровски треба да ја достави на потврдување и одлуката за 30-дневна вонредна состојба? Дали изборите ќе бидат вонредни или во редовниот термин, како и што ќе се случува со веќе почнатиот изборен процес? Една од варијантите што се спомнува е изборите да бидат поништени или одложени со одлука на техничката влада. Се спомнува и можност од интервенција на Уставниот суд, за поништување или укинување на одлуката за распуштање на парламентот или на решението за распишување на изборите?