Доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ при УКИМ, Денис Прешова, реагира на вечерашниот настап на претседателот на Собранието, Талат Џафери, на ТВ „24 вести“ за, како што вели, да го демантира „целосно селективното и тенденциозното презентирање на аргументите“ што ги изнел на средбата кај претседателот на Републиката. Прешова во вторникот беше еден од експертите поканети во кабинетот на шефот на државата, кои требаше да понудат правно решение за одложување на изборите откако беше донесена политичка одлука за тоа.

Тој вели дека постојат редица аргументи зошто Собранието може да се состане во воена или вонредна состојба, доколку има услови и можност, и покрај тоа што се самораспуштило.
„’Ставот на Уставниот суд е дека мандатот на пратениците не може да се продолжи по распуштање на Собранието, освен во услови на вонредна и воена состојба. Се оди во насока на продолжување на мандатот и тука треба да внимаваме на член 125 и 126…’ ЗНАЧИ, убеден сум дека Собранието може да се состане во вонредна состојба, ДОКОЛКУ ИМА МОЖНОСТ. За такво нешто нема никаква пречка во самораспуштањето, туку единствено може да се постави прашањето дали состанувањето на Собранието ќе го загрози здравјето на пратениците доколку не се обезбедат соодветни услови според препораките на Владата. Секако треба да се разгледа можноста за состанување на Собранието „електронски“, како што впрочем беше ратификуван пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на шпанскиот Сенат. Претседателот на Републиката донесе одлука за вонредна состојба и поради тоа веќе не постојат пречки од аспект на самораспуштањето за негово свикување“,
пишува Прешова во реакцијата по настапот на Џафери.
Џафери: Административно го претставувам Собранието
Џафери, пак, во телевизискиот настап, рече дека пратениците не може да се вратат во Собранието зашто го вратиле мандатот и не можат да носат одлуки во име на граѓаните.
„Јас сум сè уште пратеник, но немам право да донесувам одлуки од име на граѓаните. Воедно сум и претседател на парламентот, но во заминување и со ограничени надлежности. Го претставувам Собранието само административно, одлуки не носам, освен тековни, административни“,
тврдеше Џафери вечерва.

Тој тврдеше дека Собранието не може да се распушти со одложно дејство ниту, пак, може да го свика откако се самораспуштило.
„Го читам Уставот не како што ми одговара, туку како што треба да се спроведе. Во постојано заседание е Собрание кое има мандат, а не она кое нема. Не мешајте ги статусните и административните права. Кога ќе се донесе одлука за самораспуштање, настапуваат роковите за организирање предвремени избори во рок од 60 дена“,
рече Џафери.
Прешова: Како со административен капацитет се менува шефот на државата?!
Доцент Прешова, пак, во реакцијата вели дека тој е ден од оние што сметаат дека секоја институција има право да го толкува Уставот при негова примена, но дека единствено авторитативно толкување на Уставот дава Уставниот суд, постапувајќи по конкретни предмети.
„Токму тоа го има направено Уставниот суд во Одлуката У.бр. 104/2016 на која посочив и на самата средба и делови од истата цитирав. Така и претседателот на Собранието има право да го толкува Уставот, но тоа толкување е ограничено со одлуките на Уставниот суд кој веќе се има произнесено по однос на конкретното прашање. Доколку смета поинаку претседателот на Собранието тоа треба да го наведе во акт со кој одбива да свика седница како образложение поради што Собранието не може да се состане. На тој начин ќе имаме акт кој ќе можеме да оспориме евентуално пред Уставен суд и врз основа на кој ќе може да се лоцира евентуалната одговорност“
пишува Прешова.
Според него, тврдењето дека Собранието не постои поради тоа што се самораспуштило не само што е неодговорно, туку и опасно.
„Имено, член 126 став 2 јасно регулира дека единствено Собранието е тоа што одлучува за завршување на вонредната состојба. Доколку претседателот на Собранието остане на тврдењето дека не може да се свика поради самораспуштање, тогаш овој парламентарен состав не може да одлучи за завршување на вонредната состојба. Тоа би го направил наредниот парламентарен состав кој ќе биде избран на избори одржани во вонредна состојба, а кои ќе мора да ги распише Владата со уредба со законска сила(!!!). Ваквото сценарио е неодржливо и исклучително спорно поради повеќе очигледни причини кои мислам дека нема ни потреба да се објаснуваат. Замислете, новиот парламентарен состав прво би требало да се конституира, да избере Комисија за избор и именувања, претседател и потпретседатели, па дури тогаш да одлучи за вонредната состојба.(!) Јас не би сакал ни да замислам“,
вели доцентот по уставно право.
За тврдењето на претседателот на Собранието дека има единствено административен капацитет, Прешова вели дека ако е така, тој не само што нема да може да ја свика конститутивната седница на новоизбраниот собраниски состав, туку нема да може да ја изврши својата должност од член 82 став 1 од Уставот. Оваа одредба предвидува дека при спреченост на претседателот на Републиката да ја извршува својата функција, истата ја врши претседателот на Собранието.
„Иако никој никогаш не би посакал такво нешто, но замислете ситуација во која додека трае вонредната состојба претседателот на Републиката е спречен да ја врши својата функција. Нема да има кој да ја преземе функцијата(!) Дури тогаш се сфаќа какви проблеми може да донесе тврдоглавото опстојување на неодбраниливите ставови на претседателот на Собранието“
вели Прешова.
Тој вели дека поканата кај претседателот на Републиката не ја разбрал како повик да ги потврди или негира ставовите на претседателот на Собранието, туку да се придонесе „кон донесување на информирани одлуки од страна на највисоките функционери во државата“.
„Ние не бевме таму да донесуваме решенија, бидејќи тоа го прават функционерите, туку да даваме предлози. Сосема е нормално дури и да има разидување во ставовите. Затоа постојат консултациите и дебатите. Претседателот на Собранието фрустрацијата поради тоа што не бил консултиран за распишувањето на предвремените избори и политичките калкулации треба да ги остави на страна и да се однесува државнички и одговорно како што доликува на носител на една од највисоките функции во државата. Во вакви времиња нема простор за ништо друго освен за тоа. Ваквите дебати никако не смеат да избиваат на прв план и да дефокусираат од вистинските и најзначајните проблеми во овој момент, а тоа е прашањето на здравјето на сите луѓе во државата(!)“,
реагира доцент Денис Прешова.