Од МВР информираат дека е стабилна безбедносната состојба на подрачјето на двете општини, каде што е прогласена кризна состојба, покрајвонредната состојба на национално ниво
Три седмици откако е прогласена кризна состојба во двете соседни општини Дебар и Центар Жупа, кои во почетокот беа најпогодени од ширењето на заразата со ковид-19, од МВР тврдат дека безбедносната состојба на ова подрачје е стабилна.
На територијата на двете општини што се единствени во земјава каде што е прогласена кризна состојба, покрај вонредната состојба што беше прогласена нешто подоцна на национално ниво, не се забележани прекршувања на полицискиот час, ниту, пак, групни собирања на јавни места. Според МВР, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Во Дебар, како што се посочува, има три нови лица во самоизолација.
Според Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид, во рамки на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ територијата на овие општини.
„Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти“,
посочи Димоски.
Како што пренесува МИА, Димоски потсети дека влезот е дозволен само за лица кои се жители на општините, а истовремено е строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
„Упатуваме апел до граѓаните строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21 до 5 часот секој ден, а за време на викендите од 16 до 5 часот. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите други препораки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници“, .
додава портпаролот Димоски
Од почетокот на заразата во земјава, во Дебар досега се евидентирани 49 случаи на заболени од коронавирус.