Пратеничко прашање на Катругалос до Дендиас отвори дилеми околу динамиката на спроведување на договорот меѓу С Македонија и Грција
Нема пречки во процедурата за спроведување на обврските од Преспанскиот договор, изјави денеска портпаролот на Владата Мухамед Хоџа одговарајќи во врска со пратеничкото прашање што го поставил поранешниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Катругалос – „зошто доцни ратификацијата на три меморандуми со Северна Македонија“.
„Владата на С Македонија останува посветена на спроведувањето на Преспанскиот договор, кој овозможи продолжување на процесот на интеграција во НАТО и во ЕУ. Во однос на овој договор, има две страни и остануваме фокусирани на обврските. Формирана е соодветна комисија меѓу двете влади. Комисијата работи и кога ќе има соодветни заклучоци ќе информираме за тоа. Нема пречки во комуникацијата меѓу двете влади ниту во процедурата за спроведување на обврските, така што очекуваме да ги имаме наскоро соодветните документи што произлегуваат од Преспанскиот договор“,
изјави Хоџа.
На прашање околу новинарски извештаи за можноста само Албанија да ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, поради бугарската блокада на С Македонија, Хоџа рече дека со потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија македонската Влада покажа дека ѝ се приоритет добрососедските односи.

„Немаме практика да коментираме медиумски извештаи. Очекуваме понатамошна поддршка од нашите соседи за интеграцијата во ЕУ, вклучително со земјите кои се идни членки на Унијата“,
рече Хоџа.
Тој рече и дека е одложено одржувањето на седницата меѓу владите во Скопје и во Приштина, поради изборите во Косово на 14 февруари.
„По одржувањето на изборниот процес, двете влади ќе се координираат и ќе одредат нов термин за одржување на меѓувладината конференција“,
рече Хоџа.