Постои санитарен и здравствен инспекторат каде што има професионалци и кога имаме индиции дека некоја клиника има недостатоци тие постапуваат. Но, јас од прв ден најавив дека нема да има институција каде што нема да има контроли, вели Меџити
Апсолутно не стои политика зад разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев, вели министерот за здравство Фатмир Меџити.
На прашањето која е причината за разрешувањето на кардиохирургот кој има има извршено неколку трансплантации на срце, како и други операции, Меџити рече дека не е само професорот во тоа, туку дека таму има цел тим што работи за такви комплицирани операции, но повеќе детали околу смената на Јовев рече дека ќе каже во текот на денот.
„Секаде каде што ќе има злоупотреби, со мене како министер, ќе има и санкции“,
рече Меџити при денешната посета на Клиниката за ендокринологија.
Меџити рече дека од медиумите слушнал оти имало политички притисоци за разрешувањето на Јовев, но нагласи дека нема да подлегнува на такви притисоци.
„Постои санитарен и здравствен инспекторат каде што има професионалци и кога имаме индиции дека некоја клиника има недостатоци тие постапуваат. Но, јас од прв ден најавив дека нема да има институција каде што нема да има контроли“,
додаде Меџити.
Во однос на тоа кога ќе се случи неговата најава дека политички притисоци нема да бидат причина за именувања директори, Меџити истакна дека законот засега дозволува додека не се спроведе неговата иницијатива за заеднички клинички центар, со која ќе се укинат организациските директори, а медицинските ќе бидат раководители на одделните клиники.
„Информацијата како Министерство за здравство ја испративме до Владата и таа го има клучниот збор, а понатаму треба да изгласа парламентот. Најдобро е тоа да биде од 1 јануари 2024 година бидејќи тогаш се планираат буџетите на здравствените институции, тогаш функционирањето би било полесно отколку сега на средина на годината“,
изјави Меџити.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев вчера беше разрешен од функцијата со првично образложение дека повеќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или десет години и немаат никаков резултат.
Потоа министерот Фатмир Меџити во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 рече дека Јовев бил разрешен откако по направена инспекција во оваа здравствена институција биле констатирани големи злоупотреби.