Како што јави Танјуг, оценката на амбасадорите е дека епидемиолошката состојба во земјите од Западен Балкан е „доволно лоша“, со што само се потврдува претходната одлука
Македонските државјани, најрано до крајот на август, нема да може да патуваат во земјите од Европската Унија.
Како што јави српската агенција Танјуг, амбасадорите на земјите членки на ЕУ решија да не го ажурираат списокот на држави на кои им е дозволено патување во Унијата, врз основа на „подобра или слична епидемиолошка ситуација“.
Агенцијата се повикува на дипломатски извори од Брисел, кои, како што се наведува, потврдуваат дека на листата на безбедни земји ги нема земјите од Западен Балкан. Оценката на амбасадорите е дека епидемиолошката состојба во земјите од Западен Балкан е доволно лоша поради што само се потврди претходната одлука.
Списоците нема да се ревидираат во текот на следниот месец поради колективен одмор во европските институции, но се остава простор и тогаш да се забрани влез на жители од одредени земји, ако се појави нагло зголемување на бројот на заболени од ковид-19.
На листата на безбедни земји во кои ковид-19 се смета дека е под контрола се Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тунис и Уругвај.